Направи сама: Колоритна алка од безопасни и мониста

13 јануари 2014

Свежи, одморени и покреативни од кога и да е! Да, штотуку ве опишавме вас. По завршувањето на празниците, време е да бидете малку вредни и да си посветите време на себеси.

А што ќе ви причини поголемо задоволство од зголемување на вашата колекција на накит? Доколку пак самата си го направите, тогаш задоволството е уште поголемо. Вашата денешна задача е изработка на оваа прекрасна и тренди колоритна алка со безопасни и мониста.

За истата ќе треба да одвоите околу еден час од вашето време, а што се однесува до материјалите, одберете мониста во сите бои, неколку безопасни и ластиче на кое сето тоа ќе го прикачите.

Почнете со тоа што ќе си ја одредите соодветната големина на алката во зависност од вашата рака. Пресечете дел од ластичето и на едниот крај оставете го отворено за да можете да ги протнувате безопасните.

Во зависност од вашата желба, на неколку безопасни нанижете мониста во различни бои и почнете да ги редите на ластичето се додека не направите цел круг, односно се додека не ја завршите изработката на алката.

На крајот поврзете ги краевите од ластичето за да не се случи безопасните да се одвојат од истото.

Сега, кога сте готови, одберете ја вашата дневна комбинација, ставете си ја алката и погрижете се истата да биде впечатлива за да се пофалите на вашите пријателки со вашата креативност.

Објавено:
13 јануари 2014
Категорија: 
Направи сам