Можеби сме експерти за шопинг, ама во организацијата на плакарите и фиокарите се чувствуваме помалку квалификувани. Од хаосот во нашиот орман нѐ фаќа паника и чувство на беспомошност. Затоа ви ги пласираме следниве совети со кои лесно ќе може да го органзирате плакарот и со тоа ќе ви помогнеме да го одржувате уреден и прегледен.

 

 

Кога ја организирате облеката според боја, лесно може да се изгубите во плакарот и да не можете да го најдете парчето што го барате. Наместо тоа облеката организирајте ја според пригода. Свечените фустани одвојте ги од дневните. Истото важи за панталоните, сакоата и здолништата. Кардиганите нека стојат на едно место, ќе ви послужат при слоевитото облекување. Одвојте посебно место и за џемперите. Тие треба да се здиплени, а не закачени на закачалка, бидејќи ако ги ставите на закачалка тие ќе се рашират и ќе го изгубат обликот. Кога ви е облеката организирана по функција имате многу подобар преглед на сите парчиња што ги поседувате, па дури и на оние кои сте ги подзаборавиле. Исто како да сте направиле шопинг во сопствениот орман!

 

 

Експертите за организирање на ормани предлагаат да користите тенки закачалки, бидејќи штедат простор. За поголема функционалност обложете ги со нелизгачки ленти, така ќе го спречите она несакано излизгување на свиленкастата облека од закачалките. Нема веќе блузи кои паднале од закачалка... Некои предлагаат скоро целата гардероба да ја чувате закачена на закачалка, што е доста прегледно, а и доста помага кога треба набрзина да се спакувате за некое патување. Исто така може облеката да ја сортирате по комбинации. Набавете повеќенаменски закачалки. На пример, на една ваква закачалка може да сместите здолниште, кошула, ремен и сако, односно некоја комбинација кои најчесто ја употребувате. Ова навистина ќе ви олесни кога наутро треба набрзина да се облечете.

 

4

 

Многу луѓе го организираат плакарот според боја. Ама кога одлучувате што да облечете, никогаш не се прашувате „Дали ќе имам зелен или црвен ден“? Многу е поважно да размислите за поводот кога треба да детерминирате што ќе изберете тој ден, потоа во предвид да ги имате временските услови и вашите стилски преференци. Ако во моментов почнувате да го организирате плакарот, прво извадете ги сите работи што веќе не ги носите (не се повеќе трендовски или имаат погрешна величина) и спакувајте ги во кутии или специјални вреќи. Остатокот од облеката организирајте ја според неколку основни категории – деловна облека, секојдневна облека, свечена облека. Истите категории употребете ги и кога ги организирате чевлите и чантите. Одвојте ги големите чанти што вообичаено ги носите на работа од оние помалите плик-чанти наменети за вечерни пригоди. Чевлите со високи потпетици не треба да се мешаат со патиките или балетанките. Внимателно чувајте ја и долната облека, најдобро во фиокар. Најпроблематично е да ги организирате накитот, ремените и другите ситни дребулии кои лесно се заплеткуват или губат. Наједноставно е ако направите мали прегради во фиоките во кои ќе ги чувате прстените, алките и обетките, како и стилизирани закачалки на кои ќе ги обесите долгите ѓердани, марамите и ремените.

 

8

 

Објавено:
11 јуни 2013
Категорија: 
Направи сам