Месец Октомври знае да биде вистински моден кошмар! Во вашиот плакар треба да имате барем неколку клучни парчиња кои што ќе можете да ги комбинирате во неколку стајлинзи. Без разлика дали времето е свежо или пак потопло, следниве неколку значајни парчиња за вашиот гардеробер е сѐ што треба да поседувате оваа есен!
Почнуваме од плисираното здолниште кое покрај тоа што е неверојатно модерно и стилско, истото е многу лесно за комбинирање за било какви временски услови. Доколку се одлучите за дневен стајлинг кога времето е постудено, комбинирајте го со чизми, капут и тренди шапка, додека пак за вечерните посвечени варијанти или пак потоплите денови, бидете елегантна дива со едноставна бела кошулка и сандали.
Веднаш зад здолништето, доаѓа тренди фустанот во минималистичка варијанта со црно – бели пруги. Ваквото парче е дефинитивно задолжително со оглед на тоа што истото можете да го комбинирате во милион различни варијанти. За дневната елегантна работна комбинација, носете го со едноставни црни потпетици, а доколку во вашиот крај веќе пристигнаа студените денови, истото комбинирајте го со шик капутче во црвена боја, црни чизми и ролка која што одлично се вклопува со него!
Фустанот со цветен принт е подеднакво задолжителен и тренди оваа есен! Покрај тоа што истиот ќе ви ги разубави сивите есенски денови, тој е и многу лесен за комбинирање. Во зависност од бојата на истиот, комбинирајте го во потоплите денови со потпетици во впечатлива боја и соодветен накит, а за оние посвежите, не двоумете се да го комбинирате со џемпер во јака боја и кожена јакна и чизмички до глуждовите.
Она што секоја вистински елегантна дама треба да го има во својот плакар се црвените класични панталони до глужд со кои ќе ја разбиете секојдневната есенска монотонија. Панталоните можете да ги носите со шармантна кошулка или свилена блузичка и потпетици во потоплите денови, а со шик каро капут и црна ролка во онаа варијанта за посвежи денови. Апсолутен тренд оваа сезона е ременот на половината, па не двоумете се да комбинирате еден таков поставувајќи го врз капутот.
Здолништето со висок струк и интересен принт е она парче во кое дефинитивно вреди да инвестирате оваа есен! Ваквото здолниште секогаш ќе ви даде доза елеганција и ќе го истакне вашето тело на начин на кој ниту едно друго парче не може. Во зависност од принтот, комбинирајте го со кошули, палта, сандали, но и чизмички до глуждовите и капут за една есенска урбана варијанта!