Во текот на студената зима нема ништо подобро од топла атмосфера во вашиот дом и мирис на нешто слатко!
Празниците се совршено време да пробате некои нови рецепти на кои ќе се израдува целото семејство, а и вие ќе уживате во истите.
Има една девојка Ана која стои зад хрватскиот блог „Prstohvat soli“ која постојано објавува фантастични и навистина едноставни рецепти.
Она што ние денеска ќе ви го предложиме, а доаѓа токму од нејзиниот блог се овие прекрасни и неодоливо вкусни мафини со банана.
Потребно за 12 мафини:
250 грама брашно
Една лажица прашок за пециво
Една лажица сода бикарбона
Една лажица цимет
Малку сол
Едно јајце
Три банани (помеки)
100 грама путер
100 грама шеќер
За фил:
Две лажици кафеав шеќер
Две лажици брашно
Две лажици ладен путер
Две лажици овесни снегулки
Цела рака ореви
Подготовка:
Загрејте ја печката на 180 степени и подгответе ги калапите за мафини со хартиени корпи. Потоа подгответе го филот – во длабок сад ставете го шеќерот, брашното и путерот па направете трошки од тоа, а не хомогена смеса. Додадете ги овесните снегулки и сецканите ореви. Измешајте повторно, но гледајте смесата да не се соедини. Ставете ја во ладилник.
Почнете да ги подготвувате мафините со тоа што ќе го стопите путерот и ќе го оставите да се излади. Во длабок сад измешајте ги сите суви состојки за мафините. Во друг сад скршете го јајцето, додадете ги сецканите банани и згмечете ги со лажица. На смесата додадете го стопениот путер и шеќерот, измешајте па додадете ги сувите состојки и мешајте додека смесата не се соедини. Наполнете ги калапите, но оставете место за крцкавиот фил што ќе го додадете на крајот. Мафините печете ги 25 минути и изладете ги пред да ги послужите.