Тробојни весели комбинации во контарст со тмурното време

26 септември 2014

Сивилото на есента не би требало да го ограничува шаренилото во нашиот гардеробер и покрај тоа што природно се наметнуваат посмирените и пригушени тонови во нашите секојдневни комбинации.  Напротив, модната фантазија  се манифестира преку  умешноста да се комбинираат бои кои и покрај тоа што создаваат контраст одлично се вклопуваат во модниот мозаик на есенското секојдневие. За да ја стимулираме вашата креативност, денес ќе ви посочиме неколку опции на комбинации на бои кои не само што ќе го освежат и разиграат вашиот стајлинг, туку ќе бидат и ултра модерни за оваа сезона.

Пастелно розова + темно виолетова + црвена

Одличен микс за сите нежни и романтични девојки. Кожената јакна во пастелно розова боја во комбинација со темно виолетовото здолниште во асиметричен крој, бела класична кошула и мала поштарска чанта во црвена боја, дефинитивно ќе ги разбуди пролетните вибрации и вие ќе зрачите каде и да се појавите, дури и овие ветровити денови.

Црна + морнарско сина + зелена

За сите вас кои негувате трендовски и урбан стил тогаш комбинацијата на црна кожена јакна со плетени ракави, миди плетен фустан во морнарско сина нијанса која ја следи силуетата на вашето тело и плетен зелен џемпер врзан на половината е вистинскиот избор за вас. Слатка шапка, чизми до глужд и мала поштарска чантичка ќе му дадат супер завршница на целиот изглед.

Беж + светло кафена + светло сина

 

Уличните изгледи во Милано понудија навистина богата плејада на стајлинзи инспирирани од скоро целата палета на бои, нијанси и тонови. Како една од највпечатливите е спојот на предимензионираниот џемпер во беж боја и миди молив здолниште во светло сина нијанса. Со комбинацијата одлично соодветствува и кафената федора шапка со која се нагласува дамскиот шарм и мистериозноста кај секоја жена.

Сина + пастелно виолетова + бледо розова

За сите вас кои сте вљубенички на кежуал стилот, тогаш оваа комбинација е идеална за вас. Широките панталони, лежерниот блејзер и предимензионираниот макси капут креираат модерна приказна. Слатката чантичка е комплетно во контраст со боите од стајлингот и прекрасно се вклопува во визијата.

Темно сива + пастелна розова + темно сина

Комбинирањето на цигара панталони со цветни весели апликации и краток топ џемпер во темно сина боја одлично го доловува преодот од светли кон темни нијанси. Кожената јакна во темно сив тон и популарните и неодоливи оксфордки се олицетворение на спортската елеганција која дефинитивно е број еден на градските улици оваа сезона.

Кралско сина + беж + црвена

Аристократскиот изглед од секогаш претставувал амалгам на сини, црвени и бели бои. Па така доколку сакате навистина да изгледате како кралска дама тогаш комбинацијата на панталони, сако и кошула и дискретно наметнат макси капут во бежова боја се вистинскиот моден спој за вашето деловно секојдневие.

Сива + портокалова + сина

За вистински да ги вратите долгите топли летни денови тогаш во вашето дневно излегување комбинирајте свежа боја како што е портокаловото здолниште на преклоп на фотографијата и сив предимензиониран џемпер. На овој изглед додајте му ранец во портокалови и сини нијанси и фенси очила за сонце со мачкаста форма, декорирани со цветови слични на ултра модерните модели кои ги лансираше модниот двоец Долче и Габана.

Црна + розова + сребрено – сива

Ова се едни од најубавите бои кои кога ќе се склопат заедно креираат навистина модерен и тренди изглед. Црно-белите нијанси се секогаш актуелни, тие се симбол на класичен и женствен изглед. Во спој со розовите тонови и сребрени сандали на потпетица се создава елегантен и префинет изглед кој е секогаш модерен и во склоп со модните тенденции на оваа сезона.

Сива + светло сина + сребрена

 

Светло сината нијанса ќе ја разбие монотонијата на сивата рапсодија, а сребрените детали ќе и дадат сјај на модната визија.

Пробајте ги овие комбинации и кажете ни која ви остави најголем впечаток.

 

 

Објавено:
26 септември 2014
Категорија: 
Направи сам