Има само 20 години, а веќе е глобално популарна благодарение на нејзиниот мега хит „Be the one".
Дуа Липа е ново име во шоу бизнисот на кое вреди да се посвети внимание. Нè освои со нејзиниот непосреден и авангарден имиџ во кој нејзината младост и храброст да експериментира, се главен адут. Секако дека имиџот на една ѕвезда значи многу повеќе од трендови и добро комбинирани парчиња, но Дуа автентичниот визуелен идентитет веќе го поседува, што е исклучително значајно во светот на поп музиката.
Таа е англиска пејачка и модел со косовско потекло, чии родители се преселиле од Приштина во Лондон за време на војната во 1990-тите.
Афинитетот кон музиката го развила благодарение на нејзиниот татко кој е познат рок пејач, а кога имала само 14 години ги снимила нејзините први преработки на песни од Кристина Агилера и Нели Фуртадо што ги објавувала на нејзиниот youtube канал.
Повремено во Лондон работела и како модел, но нејзин приоритет останала музиката. Склучила договор со познатата музичка куќа Ворнер Брос Рекордс и првиот сингл што го издала под оваа етикета, „New love" инстантно станува голем хит. После тоа следуваат „Be the One", „Last Dance" и најновиот „Hotter Than Hell", а таа веќе е музичка ѕвезда.
За ова лето го најавува и нејзиниот прв студиски албум, за кој веруваме дека уште повеќе ќе и помогне да го најде своето место во елитните музички кругови.