Досега веројатно сте ја слушнале ултра популарната Bon Bon на албанската пејачка Ера Истрефи која на Youtube денеска има повеќе од 100 милиони прегледи.

Откако за многу кратко време стана планетарно популарна благодарение токму на оваа песна, 22 годишната пејачка потпиша договор со некои од најпознатите музички продуценти и куќи во светот, па нејзиниот успех е неизбежен.

Основачот и претседател на продуцентската куќа Ultra Music, Патрик Мокси дознал за пејачката преку Youtube.

„Откако за кратко време песната почна да има сѐ повеќе прегледи, знаев дека имаме нов артист. Мислам дека е добро што некој ќе каже дека таа потсетува на Ријана и Сиа, но јас не се сложувам со тоа.  Она што е посебно и уникатно кај неа е токму тој микс од албански и англиски кој звучи толку добро. Тоа не можеш да го споредиш со ништо друго“, вели првиот човек на Ultra Music.

Претставниците на музичката куќа

Кога станува збор за планетарниот успех на песната, пејачката ќе каже:

„Верував дека еден ден светот ќе ја слушне мојата музика, но не верував дека тоа ќе го постигнам со Bon Bon, особено затоа што текстот е на албански“, вели Ера.

Дека светскиот успех ѝ е повеќе од загарантиран, покрај договорот со продуцентската куќа, говори и фактот што таа навистина има карактер на светска ѕвезда.

Нејзиниот стил, однесувањето и контроверзноста само ќе ѝ помогнат на оваа млада девојка да стане светски позната за многу кратко време.

Од неодамна, таа почна да гостува и на бројни фестивали низ Европа, а беше дел и од Skopje Calling кога настапи пред светскиот диџеј Дејвид Гета.

Последен во низата светски настапи беше оној во рамки на парадата на гордоста во Њујорк каде огромен број фанови го пееја нејзиниот хит во еден глас.

Ера Истрефи стана позната во Албанија и Косово во 2013 година со нејзиниот сингл „Mani për money“, по што следеа многу нови хитови во сличен ритам кои и донесоа бројни награди.

Нејзиниот уникатен стил беше забележан од многу модни магазини, меѓу кои и V за кои сними одличен едиторијал и интервју во кое говори за нејзиното семејство кое и е најголема поддршка, како и за нејзината сестра Нора која важи за една од најпопуларните пејачки во Албанија.

Повеќе од сигурно е дека на оваа девојка и претстои блескава музичка иднина, а доколку досега сте немале можност да ја запознаете, сега е вистинскиот момент за тоа.

Објавено:
20 јули 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
4.990 пати