Јасна Тодоровска: Жолти и виолетови контрасти во колекција која ќе остане во сеќавање

2 јуни 2020

Младата и талентирана идна модна дизајнерка Јасна Тодоровска, е нашата следна соговорничка во циклусот интервјуа што ги правиме со студентите од трета година на Европскиот универзитет во Скопје, на катедрата за Моден дизајн на факултетот за Арт и дизајн. За потсетување, во рамките на предметот „Колекција 2" под менторство на проф.д-р Јана Манева Чупоска и асистентката Искра Младеновска, студентите од трета година имаа за задача овој семестар да креираат колекција на конкретна тема, од идеја до реализација. Јасна одлучи да си поигра со контрастот меѓу жолтите и виолетовите нијанси и да создаде колекција која ќе донесе освежување, а истовремено чувство на мир и спокој.
За сите детали во разговорот во продолжение.

Како изгледа процес на креирање колекција по наставен програм во време на ограничени, вонредни услови?

- Отежнатата ситуација со која се соочи целиот свет ги промени погледите кон животот на многумина, но не мислам дека влијале лошо на уметниците. Сите зборуваат како сме затворени и ограничени. Јас лично мислам дека сме на момент ослободени од монотоната рутина во која сме живееле. Оваа слобода ми помогна да ја поттикнам својата фантазија, да го посветам своето слободно време на работите кои ме прават среќна, а кога си среќен инспирацијата и креирањето се во постојан подем.

Што беше провокација која ја иницираше твојата колекција? Која е темата?

- Темата на оваа колекција е минимализам. Минимализмот е еден начин на живот кој е ослободен од непотребни работи кои секојдневно ни го одземаат фокусот, времето и средствата. Води кон слободен живот исполнет со оние работи кои навистина ги сакаме и ни се потребни. Ослободување однадвор кое ни дава простор за ослободување одвантре. Сè она што сметам дека треба да се применува кога светот ќе почне нормално да функционира за луѓето да се посреќни. Моите размислувања и погледи кон сè што се случува, успеав да ги преточам во моите креации.

Кои се носечки карактеристики на колекцијата? Какви техники, материјали и опции се користени во нејзиниот концепт? По што е посебна?

- Оваа колекција е прилагодлива и како таква, одлично ќе се вклопи во стилот на младите девојки, но верувам дека ќе ги задоволам критериумите и на повозрасните жени. Бидејќи станува збор за сезона пролет/лето, изборот на боите е многу важен сегмент. Жолтата боја во комбинација со виолетови контрасти е доста забележлива и уникатна. Овозможува чувство на мир и спокој, а истовремено е посебна и останува во сеќавање. Креациите се направени од штоф сатен, сатен, мрежа и тул. Највпечатливи се копчињата на моделите кои се рачно сошиени.

Колку твоите професори/ментори асистираа во реализацијата на идејата?

- Професорите се потудија да бидат присутни што е можно повеќе во нашиот процес на креирање и создавање. Направија сè што е во нивна моќ да не ја почуствуваме разликата во предавањето. Online предавањата во комбинација со разновидни корисни вежби ни беа од голема помош. Се обидуваа да ни бидат максимална поддршка, давајќи ни слобода да ги побараме во било кое време од денот за секаков совет или пак критика.

Ако се земе в предвид фактот дека актуелната ситуација ги менува условите во модната индустрија, впрочем како и во секој сектор, како според твоите видувања ќе изгледа иднината на модата? На што ќе биде фокусирано вниманието и како ќе ја консумираме модата?

- Модата се манифестира во сите временски периоди па и во актуелната ситуација. Во нашата околина и држава, модата се конзумира од секојдневието и социјалните мрежи. Сакам да пренесам порака на сите дека модата е манифестација која сами ја креираме и одлучуваме како ќе ја презентираме. Секоја индивидуа со својот стил независно од трендовите, е нова идеја за идни идеи. Акцентот на модата припаѓа на својственоста на личноста што ја носи. Стилот секогаш ќе биде безрезервна моќ по која се манифестираме сами себе и нашиот карактер.

А каде ти лично ја гледаш својата професионална иднина?

- Мојата професионална иднина не ја гледам во типично ателје во нашиот град, бидејќи сметам дека тоа преставува една категорија на вкусови и стилови. Мојата поента и порака на личните идеи се содржи во својственоста на секоја жена. Добро познато е дека секоја жена е различна сама по себе, па си го поставувам прашањето зошто би морало да се водиме според трендот? Главната цел која што се обидувам да ја постигнам студирајќи е да пренесам една целосно нова платформа во која модата во Македонија ќе манифестира нешто многу поголемо, нешто кое нема да се води според тренд и Инстаграм, нешто кое секоја жена, карактер и личност ќе ја прави посебна сама по себе.

 

Објавено:
2 јуни 2020
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
920 пати