Циклусот интервјуа со студентите од трета година на отсекот за Моден дизајн на факултетот за Арт и дизајн при Европскиот универзитет, го проложуваме со Магдалена Лебамова. Во рамки на предметот „Колекција 2" под менторство на проф.д-р Јана Манева Чупоска и асистентката Искра Младеновска, студентите овој семестар, во вонредни услови, имаа за задача да реализираат комплетна колекција, од идеја до завршна изведба. Ние го следиме креативниот процес на создавање, а веќе пред финишот односно пред конечната реализација, го направивме разговорот и со Магдалена. Како во нејзиниот случај изгледа процесот на креирање во ограничени околности, на која тема се посветила, кои се водечките карактеристики на нејзината колекција по овој наставен програм, но и како изгледа нејзината визија за иднината на модата, читате во продолжение...
Како изгледа процес на креирање колекција по наставен програм во време на ограничени, вонредни услови?
-Покрај тоа што ситуацијата во која се наоѓаме ни налага да бидеме дома, не нè спречи да ги завршиме обврските кои ни ги бара наставниот програм. Потешкотии имавме во набавките на материјали, но истото си го дадовме како предизвик, и креиравме колекција од материјалите со кои располагавме.
Што беше провокација која ја иницираше твојата колекција? Која е темата?
-Провокација за темата ми беше самата ситуација во која се наоѓаме и целата негативна енергија која во моментов се случува. Поради тоа рашив да ја развеселам целата ситуација со оваа колекција. Инспирација за оваа колекција е природата, која целосно заживува во периодот кога пристигнува пролетта.
Кои се носечки карактеристики на колекцијата? Какви техники, материјали и опции се користени во нејзиниот концепт? По што е посебна?
-Колекцијата се наоѓа во пролет/лето сезоната, боите кои се одбрани за оваа колекција одлично се вклопуваат со веселите нијанси на пролетта за време на овие две годишни времиња. Насловот на темата е „The Abstract Nature" и ќе се реализира со помош на апстрактни цртежи со акрилни бои, рачно насликани на материјали од лен и памук. Колекцијата е наменета за млади девојки од 18 до 35 години кои сакаат да се претопат во боите на пролетта додека ги извршуваат своите секојдневни обврски. Оваа Casual колекција ќе им помогне да го истакнат својот ведар дух на најдобриот начин.
Колку твоите професори/ментори асистираа во реализацијата на идејата?
-Целиот процес на изработка на колекцијата не се одвиваше на ист начин како кога би оделе на факултет, но во текот на изработката редовно имавме консултации на интернет со нашата професорка и асистентка кои ни даваат совети и насоки за полесна изработка, ни презентираа различни видови на предавања кои ни помагаа во текот на изработката.
Ако се земе в предвид фактот дека актуелната ситуација ги менува условите во модната индустрија, впрочем како и во секој сектор, како според твоите видувања ќе изгледа иднината на модата? На што ќе биде фокусирано вниманието и како ќе ја консумираме модата?
-После оваа кризна ситуација во која се наоѓаме сметам дека не само во модата туку и во повеќето сектори работите ќе се нормализираат, актуелните трендови ќе бидат фокусирани на минимализам и скромност. Спред мене во иднина би требало вниманието на производителите повеќе да биде свртено кон природата како и рециклирањето на материјалите што повеќе не ги користиме.
А каде ти лично ја гледаш својата професионална иднина?
-За разлика од повеќето млади луѓе кои масовно ја напуштаат нашата земја, јас мојата иднина ја гледам овде. Сметам дека доколку вредно и одговорно работиме, се надоградуваме и меѓусебно се поддржуваме, можеме да го подобриме квалитетот на животот овде.