Модниот универзум низ објективот на Александар Дончев

25 март 2014

Уметничката фотографија во светот на модната индустрија е особено значаен медиум преку кој се создава единствена димензија на еден неповторлив момент.

Фотографија од едицијата „Between“ Фотографија од едицијата „Between“

Искусниот професионален фотограф Александар Дончев низ својот објектив веќе години наназад гради свој универзум сочинет токму од такви неповторливи моменти кои му даваат дополнителна суштинска вредност на неговата работа.

Неговиот архив на фотографии  нуди богата обиколка низ различни светови и приказни, па така во неговото портфолио може да ги разлистате модните фотографии со голема доза на уметничка трансформација, но и такви кои овековечиле едно парче од природата или еден момент од нечија емоција или такви кои преку својата апстракција ве предизвикуваат на длабок разговор со себе.

Фотографија од едицијата „Between“ Фотографија од едицијата „Between“

Роден во Струмица, дипломирал на Националната академија за театарска и филмска уметност на отсекот за Уметност и современа фотографија во Софија, Бугарија, Дончев  зад себе има шест самостојни изложби, а учествувал уште на осум групни поставки.

Во објаснувањето за една од неговите фасцинантни едиции фотографии, насловена  „Between“ тој ќе каже:

Фотографијата е секогаш порака, емоција која се обидува да го победи времето и нашето несовршено разбирање на нештата. „Between“ е обид да се направи варијација на двојноста на симболите и да се открие тоа што се наоѓа помеѓу спротивностите, нашата перцепција. „Between“ е нашиот избор или нашата илузија за изборот, а помеѓу е нашиот пат. Тука започнува процесот на изедначување на разликите.

Фотографија за каталогот на Елена Лука, за колекцијата Light Фотографија за каталогот на Елена Лука, за колекцијата Light

Последниот негов ангажман беше за фотосесијата за новата колекција пролет-лето 2014,  на модната куќа Елена Лука со која до сега соработувал во повеќе наврати, за каталогот за колекциите Light и Fashion force.

 

Објавено:
25 март 2014
Категорија: 
Портфолио