Новак Џоковиќ - најдобриот тенисер на сите времиња го освои и олимпиското злато

5 август 2024

Новак Џоковиќ за првпат во својата кариера го освои олимпискиот златен медал во големото финале против младиот шпански тенисер Карлос Алкараз. 

Ова беше петто учество на Џоковиќ на Олимписките игри, но за првпат се најде во финалето и го освои долго посакуваниот златен медал. Интересно беше што тој е највозрасниот тенисер што учествувал во едно финале тенис на Олимписките игри, а додека, пак, неговиот противник Алкараз е најмладиот тенисер кој се нашол во финалето на Олимпијадата и токму тие двајца се пресретнаа на централниот терен во Париз.

Златниот медал на Олимписките игри беше единствениот трофеј кој му недостасуваше во долгата листа освоени титули. Ова беше неговиот сон кој конечно го оствари за себе, за својот тим и семејство, и за неговата Србија. 

После освоеното злато на Олимписките игри Париз 2024, несомнено е дека Новак Џоковиќ е најдобриот на сите времиња или како што велат: GOAT - Greatest Of All Time, иако и претходно сосема го заслужуваше овој епитет. 

Емоциите на крајот на мечот го совладаа Џоковиќ кој не можеше да ги задржи солзите по остварувањето на неговиот најголем сон. Неверојатно фокусиран и посветен на играта, подготвен и физички и ментално и благодарение на искуството кое на свои 37 години го има, Новак Џоковиќ испиша историја која тешко дека некој некогаш ќе може да ја повтори. И покрај големите препреки низ годините, повредите, оспорувањата од критиката и конкуренцијата, неодамнешната операција на коленото, Џоковиќ едноставно беше мотивиран да победи, да го комплетира неговото тениско портфолио и да им докаже на сите дека е најдобар. Со освоени 10 Australian Open титули, 7 Wimbledon, 4 US Open, 3 French Open и 1 Davis Cup, освојувањето на олимпиското злато беше заокружување на блескавата кариера и искачување на тронот на кој нема место за друг играч. 

И како и секогаш досега, Новак Џоковиќ веднаш замина кај своето семејство и тим да ја прослави победата, а ние уживавме во сцените полни љубов и емоции после ваквото грандиозно достигнување.

Фото: Getty Images, Reuters, AFP

Објавено:
5 август 2024
Категорија: 
Портфолио