Запознајте ја најпопуларната блогерка во Австралија

15 март 2016

Сара Елен е името на најпопуларната тинејџерка во Австралија, чија страст е модата и блогерството.

Својата модна приказна ја започнува пред пет години, кога поставува видео од 30 секунди, во кое на фанки музика, игра со веѓите, за сега да има активен блог – Perks of her.

За многу кусо време успева да собере голем број следбеници на социјалните мрежи, а денеска тој број е поголем од два и пол милиони.

-Како дете, секогаш сонував да работам во забавната индустрија, но никогаш не помислив дека тоа навистина ќе го постигнам. Навистина сум среќна! Дури некогаш се штипкам за да проверам дали ова е реалност. Откако ме видоа, луѓето почнаа да се интересираат за мене, мојот живот и тоа што го правам. Публиката на социјалните мрежи многу бргу порасна – вели 18-годишната Елен.

Не крие дека е вљубеник во технологијата и сите социјални мрежи, што е од голема помош во нејзината работа.

-Сакам да создавам забава и среќна сум што имам со кого тоа да го споделам. Откако почнаа луѓето да ме следат на Интернет, не сакав да ги изневерам оние што ја почитуваат мојата работа. Продолжив со видео-снимките и постовите – вели Сара, која најчесто три пати дневно објавува постови.

На прашањето, што ја направило толку популарна, ќе каже:

-Ова се прашував постојано. Се водам со мислењето дека сум класична тинејџерка, како и повеќето што ме следат, но се трудам секогаш да бидам позитивна и среќна. Со тоа им давам пример на луѓето и можеби тоа е и причината на мојата популарност – искрена е блогерката.

За еден од најголемите успеси го смета тоа што австралиската модна куќа „Supre“, ја ангажирала за национален амбасадор.

-Купував од кај нив уште од мала и мислам дека се навистина кул. Во сите нивни кампањи сум и направив многу проекти со потрошувачите и обожавателите, кои воедно се и воодушевени – вели тинејџерката, која сега соработува со многу познати светски брендови, како „Топшоп“, „Труман“, козметиката на „Сен Лоран“, „Прада“...

Има свој изграден стил, кој вклучува и многу експериментирање, што совршено се вклопува во нејзината модна приказна.

Дел од комбинациите и постовите на Сара можете да ги погледнете и во галеријата во продолжение.

Објавено:
15 март 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
3.009 пати