Насмевка зад објективот, синото палто и велосипед е сликата по која ќе се памети американскиот фотограф Бил Канингхам, кој викендов почина во 87-та година од животот од мозочен удар.

Модната индустрија се збогуваше со еден генијален уметник, кого најмногу ќе го памети по фантастичните street style фотографии, чиј и основоположник е.

Уште од 1978 година станува дел од „Тајмс“. Фотографијата со Грета Гарбо беше доволна да ги заинтересира и да го направи Бил дел од нивниот тим речиси четири децении. Откако се дозна за лошата здравствена состојба, овој вестник за првпат во последното десетлетие немаше објавено негова фотографија.

Во текот на својот работен и животен век, Канингхам фотографира бројни познати личности, но и „обичен“ народ на улиците низ Њујорк и тоа без нивна дозвола.

За својот придонес многу пати е и наградуван. Во 2010 година се објавува и документарен филм за него - „Bill Cunningham New York“, со што и помладите генерации можат да се запознаат со неговиот лик и дело.

Тие што го познаваа, велат дека ќе го паметат по неговата индивидуалност и впечатлива појава.

Стилот на познатите никогаш не го интересирал, за разлика од оној на улиците.

-Тоа не ми буди интерес. Модниот свет се убива самиот со тоа што позајмува или дава облека. Кој ќе сака да купи било што, кога ти им плаќаш да го носат? – изјави фотографот пред неколку години.

За тоа што ќе остави зад себе и колку тој самиот е „селебрити“, ќе каже:

-Наследство? Јас сум работник во фабрика. Нас нѐ интересира само денес! Наследство... какви глупости“.

Без разлика што не верувал во тоа, несомнено е дека Канингхам остави големо и непроценливо богатство во модната индустрија.

извор: Buro24/7; Elle.com

Објавено:
27 јуни 2016
Категорија: 
Портфолио
Прочитано:
420 пати