Велигденски колачиња во форма на јајце

23 март 2022

Ние започнавме со велигденско расположение, па денешниот рецепт го посветуваме на колачињата во форма на јајце.

Исклучително се популарни последниве години, декоративни се, а и децата ги обожуваат.

Во продолжение следи рецепт за тоа како се приготвуваат, како и упатство за глазурата:

Потребно: 250 гр путер, 450 гр брашно, 100 гр шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 јајце, 1 жолчка, 1/3 ќесичка прашок за пециво, џем од кајсиси (по желба)

Постапка:

Изматете го путерот, шеќерот и ванилиниот шеќер, со јајцето и жолчката. Додајте брашно помешано со прашкот за пециво и замесете тесто. Потоа завиткајте го во фолија и оставете го речиси еден час во ладилникот.

Потоа, на работна површина на која претходно сте наросиле брашно, развијте го тестото на 5 мм и со модла во форма на јајце, направете ја формата. Наредете ги колачињата во тавче за печење претходно обложено со хартија за печење. Печете во загреана рерна на 180 степени, околу 14 минути. 

Колачињата оставете ги да се изладат.

Ако користите готов фондан за украсување, секое колаче премачкајте го со џемот од кајсии,, па врз тоа ставете го фонданот, од кој исто така со модли во форма на јајаце сте направиле форма.

Ако немате фондан или пак не ви е омилен, направете ја глазурата и декорирајте по желба.

Глазура:

Потребно: 1 белка, 2 лажици млеко, 300 грама шеќер во прав

Подготовка: во блендер ставете ги сите состојки и измешајте ги на умерена брзина. Ако немате блендер, може и миксер. Треба да добиете мазна смеса која не е ниту прегуста ниту премногу ретка. Поделете ја глазурата во неколку помали садови и во секој од нив додадете одредена прехрамбена боја, доколку ви се потребни повеќе бои. Потоа, саканата глазура ставете ја вреќичка (ќесичка за шприц) и декорирајте по желба. Можете да додадете и бомбони, чоколадни трошки и слично, зависи како сакате да ви изгледаат колачињата. На крај, оставете ги неколку минути да се стегне глазурата, а потоа послужете ги.

Објавено:
23 март 2022
Категорија: 
Вкусно
Прочитано:
3.123 пати