Првите есенски денови се зад аголот, а еден од најдобрите начини да ги дочекаме е опкружувајќи се себеси со нешта кои ни будат пријатни спомени и прават да се чувствуваме релаксирано и удобно.
Многумина тоа го постигнуваат со суптилни промени во домашното уредување, додавајќи перничиња, декорации и миризливи свеќи во просториите на домот, а за некои пак обновувањето на гардеробата со топли есенски парчиња облека е доволен избор за среќа.
Но, речиси секој би се согласил дека свежите и врнежливи есенски денови и самите „бараат" вкусен топол и ароматичен напиток, без разлика на тоа дали преферирате да го пиете за време на работа или пак попладневно релаксирање со добар филм.
Кремастото pumpkin spice latte (лате со зачини од тиква), стана универзален симбол на есента, и речиси секое кафуле нуди своја верзија на истото во своите сезонски менија. Но, доколку сакате да го подготвите овој вкусен пијалок дома, следете го овој едноставен рецепт и уживајте!
Потребни состојки:
- 750 мл млеко по избор
- 4 лажички шеќер
- 1 лажичка мелен цимет
- 0,5 лажички екстракт од ванила
- 0,5 лажички мелено морско оревче
- 0,5 лажички мелен ѓумбир
- 0,5 лажички црн бибер
- 180 мл сварено кафе
Подготовка
- За почеток, направете ја мешавината од зачини од тиква со мешање на цимет, морско оревче, ѓумбир и црн бибер во мала чинија. Мешајте додека не се соединат состојките.
- Потоа додадете топло (не зовриено!) млеко, шеќер, екстракт од ванила и зачините што претходно ги измешавте. Сè заедно ставете во блендер и мешајте додека не добиете пенеста маса.
- Готовата течност од блендерот поделете ја во шолји, оставајќи доволно простор за кафето, но и шлагот (доколку користите).
- На крај, во шолјите истурете го свежо свареното кафе и додадете шлаг по желба.