Во МАС медиумите пред неколку недели, една приказна ја обви земјината топка и создаде бура од толкувања. Смртта на Лорен Скот, беше вештачки предизвиканиот виор од идеи, за тоа што ја предизвикала нејзината смрт. Овие интернет статиите , ги селектирав по повод смртта на Лорен Скот. Во овие статии има застапено повеќе публицистички стилови , нема да вршам нивна научна разработка, околу тоа, колку тие се публицистички или во која подгрупа тие припаѓаат. Туку ќе го споредам мојот стил со нивниот и Ваше ќе биде да одлучите, дали Вие би одвоиле време да го прочитате мојот стил или не?
Стил 1 „Дизајнерката Лорен Скот пронајдена мртва во нејзиниот стан“ [1]
Дизајнерката Лорен Скот е пронајдена мртва во нејзиниот стан во Њујорк. Четириесет и деветгодишната дизајнерка била пронајдена обесена на марама.
Докторите сѐ уште ги испитуваат точните причини за нејзината смрт, иако првичните информации се дека дизајнерката извршила самоубиство.
„49 – годишна жена по име Лорен Скот беше пронајдена мртва во стан во Њујорк ова утро, сосема без свест. Таа веднаш беше прогласена за мртва од страна на медицинските екипи, а точните причини за нејзината смрт сѐ уште се испитуваат“, велат од полицијата.
Имено, дизајнерката беше девојка на фронтменот на Ролинг Стоунс Мик Џегер од 2001 година, кој според информациите од неговиот портпарол е целосно скршен и шокиран од веста.
Креативната и шармантна дизајнерка својата кариера ја започна како модел откако беше пронајдена од Брус Вебер во 1985 година во нејзината родна Јута. Помеѓу нејзините први ангажмани беа кампањите за Шанел и Тиери Муглер. Кон средината на 90 – тите таа започна своја сопствена кариера како дизајнер работејќи на многу дизајнерски и стилски проекти.
Во 2006 – та година, дизајнерката го лансираше сопствениот бренд под името Лорен Скот кога и се обиде да го креира совршениот мал црн фустан – воедно и името на нејзината прва колекција. Нејзините дизајни, што се познати по својот гламур и тотална женственост се обожувани од страна на многу ѕвезди како Сара Џесика Паркер, Никол Кидман, Ејми Адамс и многу други.
„Лорен беше тотален перфекционист, жена со силен карактер комбиниран со неверојатна самодоверба и моќен стил. Таа секогаш беше многу великодушна, грациозна, мила и неверојатно забавна. Нејзините манири и шарм беа како од некое друго време, но нејзиниот сензибилитет беше секогаш тотално модерен. На сите ќе ни недостасува многу“, изјави Ана Винтур. Полицијата сѐ уште ги истражува точните причини за смртта на дизајнерката и што е она што ја натерало да изврши самоубиство.
Стил 2 „Осрамотена и во долгови до гуша – Девојката на Мик Џегер се самоубила поради долгови?“ [2]
Л Врен Скот иако живеела гламурозен живот била во големи долгови, пишуваат светските медиуми. Таа според информациите должела повеќе од 6 милиони евра на кредиторите, а нејзината последна линија доживеала тоателен неуспех и немала од каде да ги врати парите.
Најновите сметки за нејзиниот бизнис, поднесени во Велика Британија во октомври 2013 година, покажуваат дека компанијата, ЛС Мода ООД, имала загуба од 5.899.548 долари (4.237.164 евра), а дизајнерката должела на кредиторите 7.641.000 долари (5.488.125 евра).
Смртта на Скот доаѓа само еден месец откако таа го откажала шоуто на Лондонската Модна недела, велејќи дека заради доцнењето на материјалите за моделите кои требала да ги дизаjнира за да ги престави на модниот настан, морала да ја одложи ревијата.
Модната дизајнерка и модел Л Врен Скот (L Wren Scott), е пронајдена мртва во понделникот на Менхетн, Њујорк, на 49-годишна возраст. Според извештаиите на полицијата, таа е пронајдена обесена во својот стан“
Стил 3 „Девојката на Мик Џегер најдена обесена: Самоубиство на Менхетен?!“ [3]
Британскиот Daily Mail објави информација дека Лорен Скот, позната како девојка на популарниот фронтмен на легендарната група Rolling Stones, Мик Џегер, извршила самоубиство. Според весникот, 49-годишната дизајнерка се обесила во својот стан во Менхетен, Њујорк.
Како што објавуваат светските медиуми, телото на Скот било пронајдено од нејзиниот асистен, а иако се уште нема официјални изјави за причините за смртта, британскиот Daily Mail отркива дека станува збор за самоубиство.
Скот беше популарна во модниот свет откако со својата прва колекција во 2006-та го привлече вниманието. Таа е во врска со Џегер од 2001-та.
Само неколку часа пред да се дознае за трагичната вест, Џегер ставил слика од плажа од Австралија, каде во момен тов се наоѓа со својот легендарен рок состав на турнејa“.
„Лорен Скот, се разлеа низ Универзумот“- Илија Илов, од местото на настанот
Таа вечер, полната месечина падна на коленици пред друга светлина. Чиниш, како Бог да имаше ножици и го исече торзото на кометата, за да ја раздвои од своето опавче. И така кометовото опавче, беше оставено да лета во Универзумот.
Светлината ги беше изгорела пластичните облози на моите прозори. Како вакуум цевка да ја голтна болката на месечината, затоа што беше надсветена од фекалиите на кометата. Останавме голи пред светот, саде вистина се сторивме!
Додека големиот, Џегер, ги поместуваше своите коски, за да се заврти во хотелскиот кревет, кој го држеше неговото тело во раце, кошмар му ги отвори збрчканите очни капаци. И, чиниш во него духот од кошмарот беше посилен од звукот на коските кои ја цепеа кожата, како желе пресечено од за’рѓавена лажица. Не беше задоволен Џегер од своето тело кое ја губеше својата влажност и често чувствуваше грч во своите мускули.
Ѕвони телефон. Џегер ја придвижува раката, од која на лакотот виси насобрана кожа, ја носи телефонската слушалка до неговото уво и со зарипнат глас изустува „молам“. По разговорот, неговиот лик, се оптегнува, а неговата вилица, како да ја оптега кожата од лицето, исто како тепих оптегнат на балкон, кој се печи на јулско сонце. Ги оптегна сите брчки, а од неговите очи, солзи ги полнат отворените усни. „Таа е мртва!“- со зарипнат глас извика Џегер и притоа го уплаши духот на кошмарот.
На железничката станица, од возот „Ориентал Експрес“ , се симна Поаро. На врат, во обесен ќупец, ја носи правта на Агата Кристи. Тешко можеше да го препознаете, освен кожата на лицето, оптегната од потеченоста, помешана со старост и дебелина, мустаците му беа несмасно обоени со неквалитетна црна боја која се имаше растечено на горната усна. Инспекторот, кој го беше пречекал Поаро, го донесе до една стара зграда во центарот на Менхетен. Со лифт се качија на 66-иот спрат, таму, Поаро ги виде жолтите ленти кои симболизираа недостапност. Инспекторот ја подигна жолтата лента пред Поаровото тело. Бавно се движеше Поаро, секое клатење го придржуваше со бастунот и конечно дојде до мртвото тело на девојката. На себе, мртвата бринетата, носеше црн свилен фустан до колена, зелени обетки, а околу вратот, имаше марама која го истиснала животот од нејзе. Поаро, се доближи до црната марама и виде иницијали со црвени-мали латинечни букви „Л.С. “ Погледна околу местото на кое висеше обесено женското тело, имаше црна столица, која ја беше потурнала при моментот на бесење.
Ја ставија на болнички кревет. На него, Поаро се доближи до ликот нејзин. Ги виде зениците, кои ја мастеа чистината на мртвиот поглед. Откако заклучи, дека нема траги на насилство, побара да се земе крв од неа.
Ја однесоа на обдукција, а тој остана во станот, преслушувајќи го целото нејзино говорно сандаче...таа ноќ, тој остана со нејзините работи, не можеше да ја најде причината за нејзиното самоубиството.
Во еден миг Поаро заспа. Се разбуди во својот сон, а таму, таа стоеше над него. Со смирувачки тон на гласот му рече: „Толку имав да оставам на човештвото!“
Завршна реч:
Во зависност од својата публика и полето на интерес, секој интернет портал, ја пренесе веста за смртта на Лара Скот, на свој начин. Начинот, „зошто“, е пренесена така веста, дали треба повеќе да се спомне Џегер, нејзината работа или нејзините долгови, зависи од тоа, за која публика е наменета „веста“.
Мојот стил е на граница, со публицистички и уметнички стил; Оваа вест е објавена од мое гледиште и целосно во овој миг, пред да го пуштам текстот во јавност, стојам зад него. По пуштањето, овој текст Ви припаѓа единствено Вам.
Автор: Илија Илов
[1] Оваа статија беше објавена на fashionel.mk на 17.03.2014 http://fashionel.mk/107425/dizajnerkata-loren-skot-pronajdena-mrtva-vo-nejziniot-stan/
[2] Оваа статија беше објавена на mkd-news.com на 17.03.2014 http://mkd-news.com/osramotena-i-vo-dolgovi-do-gusha-devojkata-na-mik-dheger-se-samoubila-poradi-dolgovi/
[3] Оваа статија беше објавена на idividi.com.mk на 17.03.2014 http://www.idividi.com.mk/showbiz/celebrity/910754/index.html