Оваа зимска сезона, покрај актуелните трендови кои во суштина прават спој на старо – новите тенденции, модната индустрија ја одбележаа неколку настани, но и значајни јубилеи. Моделот чевли со висока потпетица „Pigalle“, дизајнирани од кралот на модниот чекор Кристијан Лубутан слават десет години постоење. За првпат се дизајнирани во 2004 - тата година, а Лубутан им го дал името „Pigalle“ по омиленото соседство во Париз. Овој модел кој е познат по црвената боја на потпетици станаа едни од најпродаваните и најобожаваните чевли во светот.
Во чест на роденденот, дизајнерот ги кани сите вљубеници во неговите чевли, почитувачи на неговата работа и клиенти да испратат своја фотографија од Pigalle моделот на чевли кои го поседуваат. на социјалните мрежи Инстаграм и Твитер и притоа да го прикачат хаштагот # PigalleIs10, од 24 ноември до први декември.
Имено, „Pigalle“ се разликуваат од другите модели чевли со потпетица, по нивната динамична форма, остро истакната потпетица која е во црвена боја и е неверојатно секси. Всушност нивниот дизајн претставува спој на модерното со класичното и токму поради тој факт како и поради нивниот безвременски изглед и можноста за комбинирање со различни стилови и визии, стануваат водечки моден додаток во гардеробата на многу дами ширум светот.
„Нивната популарност се должи на фактот што тие не се сезонски чевли, туку модел кој може да го носите цел живот, без разлика дали станува збор за лето или зима. Нивната изработка исто така фасцинира, бидејќи во основа е класична, а употребата на кожа која може да биде во сјајна или мат варијанта дозволува да ги носите и комбинирате во урбани и лежерни, но и во елегантни креации. Мислам дека прецизноста во поглед на дизајнот и комбинирањето на црвената основа едноставно го прави дамскиот чекор заводлив, женствен и гламурозен“, вели Кристијан Лубутан во официјалното соопштение до медиумите.
Благодарение на уникатниот дизајн, достапноста на различната палета на бои и текстури, „Pigalle“ се дел од модниот плакар Кејт Мос, Ким Кардашијан, Џенифер Лопез, Ријана и многу други.
„Навистина сме пресреќни што можеме заедно со нашите клиенти и обожаватели преку социјалните мрежи да го прославиме десеттиот роденден на овој култен модел на чевли. Се надевам дека ќе прославиме уште многу родендени во иднина“, рече Алексис Мурот, главен и извршен директор во компанијата на Кристијан Лубутан.