Џузепе Ѕаноти-страствен и динамичен творец на чевли

30 ноември 2013

Комплексноста на личност како Џузепе Ѕаноти наједноставно може да се дефинира преку неговата уметност во дизајнот на чевли. Роден на 17 април, 1957 година, во Сан Мауро Пасколи, гратче близу Римини кое е познато по својата  традиција на изработка на чевли. Добар индикатор кој најавува светла иднина за овој дизајнер. Спротивно на популарното верување, неговите први чекори на професионално ниво не се во модниот свет, туку во музичката индустрија во периодот на раните осумдесетти каде работел како ди џеј, ангажман кој му овозможил да биде дел од најразлични актуелни настани и популарни луѓе.

 

 

Токму во тоа време имал можност да присуствува и модните ревии кои се одржувале во Милано, каде полека почнала да се раѓа љубовта спрема модата и дизајнирањето. Џузепе почнал да изработува чевли во работилниците на веќе постоечките занаетчии. Страста, упорноста, талентот и среќата беа музите кои го донесоа во дворовите на модните куќи како Роберто Кавали, Мисони, Фенди, Тиери Маглер и Валентино. Меѓутоа неговите амбиции се многу поголеми, тој чувствува дека може да направи многу повеќе за својата професија, па така во раните 90-ти, ја купува фабриката за чевли Вичини, која всушност е мала работилница каде можат да работат околу петнаесетина луѓе.

 

 

Својата прва колекција, ја претставува во Њујорк, а малата работилница за чевли наскоро прераснува во компанија која има 300 вработени. Во веќе големата фабрика се вметнува и оддел за креирање на накит и специјален оддел за правење потпетици како оддел за дизајн на обувки каде вработените при изработката на дизајнот користат високо квалитетен пристап на самата изработки задржувајќи се на актуелните модни тенденции и инвентивност кон воведување на нови формули, начини и идеи во целиот процес. Првата продавница се отвора во Милано во 2000 година, а после тоа следува и отворање на други шеесет бутици ширум светот во најголемите градови како Лондон, Париз, Москва и Дубаи.

 

 

Ѕаноти е еден од дизајнерите кој е миленик на холивудските ѕвезди. Негови редовни клиенти се ексцентричната пејачка Лејди Гага, старлетата Ким Кардашијан, Џесика Алба, Џенифер Лопез, Жизел Бундшен, Кели Роланд и многу други. Три пати по ред е именуван за дизајнер на годината во 2000, 2007 и 2009, а во 2010 ја зема наградата Prix d'Excellence de la Mode nel 2010 во организација на италијанската едиција на списанието Marie Claire. Во 2012 година одлучува да се посвети на еден сосема нов проект кој се однесува на дизајн на машка колекција на обувки. Само да споменеме дека и овој проект помина со голем успех и признанија упатени на негова адреса за префинетиот и софистициран дизајнер.

 

 

И покрај сите награди, сепак дизајнерот во неколку наврати изјави дека неговите креации не се придружуваат на трендовите кои ги диктира пазарот, туку дека неговата инспирација е секојдневниот живот на луѓето, геометриските форми, стилот на пејачите Џими Хендрикс, Џенис Џоплин и Дејвид Боуви кои за него се безвремнски модни икони и голем извор на идеи.

 

Џузепе Ѕаноти

 

За него приказната за дизајнирање чевли е филозофија на хармонијата и умешност на вклопување желби, идеи, дезени, форми, бои и ткаенини во една целина која ќе биде симбол на сензуалност, бунт и оригиналност.

Објавено:
30 ноември 2013
Категорија: 
Модни додатоци