Шоуто на Викторија Сикрет е едно од најочекуваните во текот на целата година. Доколку на почетокот почна како шоу налик на секоја друга модна ревија, денеска е еден од модните спектакли на врвот во модната индустрија.
Она во што се вперени сите погледи и што вистински го одзема здивот на секоја ревија, се ангелските крилја на девојките. Секоја година, крилјата ги носат некои од најпознатите ангели на Викторија, но и нови и талентирани девојки што го заслужиле тоа.
За сето тоа да изгледа светски и толку блескаво на сцената, се грижи една млада, талентирана и тотално „откачена“ девојка - Мараја Хозе ака Килер!
Крилјата се изработуваат буквално од сѐ, почнувајќи од кожа па сѐ до нежна тантела и Сваровски кристали. Со оглед на ова, воопшто и не е чудно што девојките на Викторија чекаат толку долго време да ги прошетаат крилјата на пистата на најочекуваното шоу во годината.
Целата работа со крилјата започнала кога една уметничка, најмена од брендот, направила неколку скици и концепти како би можеле да изгледаат крилјата на девојките. Откако ги фасцинирала со нејзината работа, Мараја и нејзиниот тим веднаш биле ангажирани, пишува Хафингтон Пост.
„Неверојатно е тоа како Мараја ги прави скиците. Откако ќе ги нацрта, таа ни ги прикажува во 3Д издание, каде се поставува и моделот што би требало да ги носи. Кога сето тоа ќе се одобри, нејзиниот тим почнува со работа“, го објаснува процесот креативната директорка на шоуто Софиа Неофиту.
Откако ќе бидат првично направени, на проба доаѓа Барбара која ги знае сите девојки и знае како секоја една од нив се однесува на сцената.
„Барбара ни е од голема помош, бидејќи таа ни ги презентира крилјата како вистинските манекенки и ние веднаш знаеме што треба да се промени“, појаснува Килер.
Таа објаснува дека промените кај крилјата се прават до последен момент, со оглед на тоа што секогаш може да се јават проблеми и истите да се преголеми или претешки за девојките, или пак нешто да им пречи.
„Потребна е голема концентрација кај девојките за да ги износат крилјата, бидејќи речиси сите се масивни. Најтешките крилја што сум ги направила тежеа 10 киограми и истите ги носеше Линдзи Елингсон. На крајот на денот, не е воопшто важно колку девојката ги сака крилјата, ако се премногу тешки за неа, таа нема да ги носи“, вели Мараја.