Во ноември месец минатата година пишувавме за чантите на „Фенди“ инспирирани од рачната изработка и техниките на плетење и хеклање кои ги практикувале или уште ги практикуваат нашите баби.
Рачно изработените милјеа од конец и тантела, во домовите на нашите баби порано беа задолжителен декор. Со текот на времето, нив ги заменија некои посовремени дизајни, па сега се синоним за нешто "демоде".
Сепак, од модната куќа „Фенди" не мислат така. Во соработка со ателјеа и ракотвроци од различни делови на Италија, создаваат чанти токму од милјеа.
За некои конкретни модели кои ги презентираа тогаш, се' уште нема цена, односно се' уште не се пласирани на онлајн продавницата.
Сепак, таму видовме други модели инспирирани токму од рачно изработена тантела, вез, волна, техники на плетење...
Колку чинат?
Чанта со мала димензија, 27см на 15 см чини над 2.500 евра. Големите пак, се од 4.000 евра па до 10.000 евра.
Меѓу новите производи на Фенди се и цегери - некогаш мошне популарен моден додаток, а и практичен - нашите мајки и баби пазареле со вакви цегери - а сега се пласираат како чанта со ретро изглед.
Изработени се од рециклирана пластика, доаѓаат во неколку бои. Цената на малите цегери (вис.22см) е 450 евра, додека на големите (35цм) е 650 евра.
Ако овие парчиња што не се уникати се вреднувани толку, тогаш луксузните колекции под ознаката #FendiHandinHand ќе чинат минимум двојно повеќе. Рачната изработка во светот е мошне ценета и повторно заживува, благодарение токму на овие соработки.
Кај нас, рачните занаети се пред изумирање, доволно е да ја погледнеме само старата чаршија. Но, можеби, како и за многу други работи, кога ќе видиме дека надвор се цени нешто што и ние го имаме, можеби ќе почнеме и самите повеќе да вреднуваме.