Магијата на филиграните во семејната приказна на Дудан

7 јуни 2013

Филигранството е една од најпрефинетите, но истовремено и најкомплицираните  техники на обработка на метал. Совршена уметност во која помеѓу златните и сребрените жици се испреплетени и длабоки емоции, креативни идеи и искрена посветеност и трпение.

Ова остварување на филигранската техника зрачи со исклучителна убавина на македонскиот традиционален накит. Во етно-културата на Македонија филигранот претставува врвен израз на креативноста во уметничката изработка на накит. Сите занаети во себе не содржат уметност, за разлика од филигранот кој спаѓа во групата на уметнички занаети. Во филигранот се изразува уметноста, умешноста, креативноста. Секоја убава замисла, форма, фигура, може да се реализира преку филигранот, вели Марија Дудан, млад  уметник кој повеќе од шест години ја негува својата семејна традиција на изработка на филиграни.

Занает. Уметност. Мајсторска умешност. Оваа поврзаност создава совршенство. Колку во Македонија се почитуваат ракотворбите, особено перфектноста на филиграните?

Долг период наназад ракотворбите и филигранот не беа ценети од страна на луѓето. Занаечиството беше изумрено, а особено филигранот. Предметите кои што дотогаш се изработуваа од филигран беа заменети со индустриско произведени предмети без никаква уметност, дизајн и вредност. За среќа, во поново време, почнаа да се отвораат разни школи преку кои почна да се возобновуваат занаетите со уметничка вредност. Луѓето почнаа да ги вреднуваат ракотворбите, да ја видат нивната вредност, и на тој начин полека почнуваат да се ценат филигранските предмети.

 

Вашата семејна традиција на изработка на филиграни Ви го наметнала уметничкиот дух на занаетот. Од кога изработувате филиграни  и како лично го доживувате целиот процес?

Мојата фамилија, три генерации наназад се занимава со занаетчиство. Тоа е можеби наследен ген кој што го поседувам. Оттаму мојата заинтересираност особено кон применетата уметност. Пораснав во атељто на татко ми, и многу ми беше интересно кога гледав како ги создава своите уметнички дела, рељефи во метал најчесто со мотиви од културно наследство на Македонија. На тој начин се роди љубов во мене и јас да се занимавам со применета уметност, особено со филигран бидејќи ми беше многу драг истовремено и предизвик.

Околу 6 години работам филигран, секое парче е уникатно бидејќи е рачно изработен и се разликува еден од друг. Го работам со големо лично задоволство.

Каква е историјата на македонскиот филигран? Запознаени ли сте со корените на  автентичното мајсторството?

Познато ми е дека остатоци од филигран се пронајдени во археолошкиот локалитет Требеништа кој датира од 5-6 век п.н.е. Филигранот и порано се изработувал од злато и од сребро. Ваквата техника најраспространета била на Медитеранот и својот врв го доживеала во Византискиот период. Секое подрачје имало специфична изработка на филигран.

Каков е спектарот на изработки и какви материјали најчесто се користат?

Секоја идеја може да се претвори во филигрански предмет/накит, во тоа е и магијата на овој занает. Можат да се изработат функционални предмети за употреба, како и накит. За да се изработи еден предмет најважна е идејата, инспирацијата, и приказната која стои зад секое изработено парче. Секој предмет е уникатен и единствен.

 

 

И покрај тоа што филигранството е стар занает кој го носи духот на едно далечно минато време, сепак  колку примена има во модерните трендови? Дали постојат инвентивни начини за комбинирање на традицијата и современите влијанија?

Во последно време, филигранот зема голем замав во модата реализиран преку накит. Во Македонија отсекогаш се ценелa традиционалната изработка, но во последно, младите повеќе се заинтересирани за комбинација од модерно и традиционално.

 

Објавено:
7 јуни 2013
Категорија: 
Модни додатоци