Оваа зима носиме кожени и колоритни ракавици!

12 декември 2014

Со студените температури во нашиот град како неопходна се јави и потребата на задолжителна зимска модерна опрема! Доколку веќе се снабдивте со соодветен капут за оваа сезона, сега е време сето внимание да им го посветите на модните додатоци.

Во неколку наврати пишувавме дека апсолутен хит оваа зима се крзнените аксесоари, но кога станува збор за ракавиците, за студените денови ви препорачуваме кожени и колоритни!

Зимските колекции на некои од најдобрите светски дизајнерски куќи веќе наговестија дека оваа студена сезона ќе носиме впечатливи колоритни и украсени ракавици со што конечно ќе им се даде и местото што го заслужуваат како едни од најпотребните аксесоари.

Ние дефинитивно се вљубивме во ракавиците на Долче и Габана кои се како измислени за сите девојки кои стилски сакаат да му се спротивстават на студот. Стефано и Доменико понудија кожени ракавици во прекрасни бои што ќе ја разиграат зимата, дополнително украсени со неверојатни камчиња и цветчиња што им дадоа уникатен печат.

Оваа зима набавете си едни такви или уште подобро, украсете ги веќе постоечките и направете вистинска уметност од нив.

Девојките пак што не се обожавателки на украсите, оваа зима можат да си набават високи колоритни кожени ракавици со кои ќе внесат елегантна и женствена нота во секоја комбинација.

Доколку пак сакате да го „ублажите“ и овој тренд, модните куќи предлагаат плетени ракавици со кожена подлога што истовремено се и супер женствени, но и како создадени да ги комбинирате со дебела зимска јакна.

Без разлика на тоа кој е вашиот тренд, погрижете се оваа зима на ракавиците да им го дадете приматот што вистински го заслужуваат!

Објавено:
12 декември 2014
Категорија: 
Модни додатоци