Првата колекција чевли потпишана од Камерон Дијаз

10 септември 2014

Камерон Дијаз ја објави својата прва колекција на чевли за претстојната сезона есен-зима 2014, дизајнирана во соработка со брендот „Pour La Victoire“.

Русокосата актерка, која воедно е и уметнички директор на компанијата, вредно работеше заедно со дизајнерскиот и маркетинг тимот на брендот во подготвувањето на зимската линија обувки.

„Кога прв пат почнав да работам на креирањето на колекцијата обувки за брендот „Pour La Victoire“, модните тенденции за тоа како треба да изгледа еден модел на удобни чевли беа навистина високи во поглед на платформите. Тоа беше тренд која мене воопшто не ми одговара,  бидејќи и онака сум доволно висока. Тој факт ми послужи како инспирација за во оваа линија на чевли повторно да го вметнам базичниот дизајн и изглед на обувките кои имаат потпетици, но немаат платформи“, открива Дијаз.

Камерон, која најчесто носи рамни чевли, тврди дека купувачите сакаат нешто што изгледа добро на нивната нога, што ќе биде удобно и функционално. Модели кои соодветно ќе му прилегаат на сензибилитетот на секоја жена.

Колекцијата чевли целосно го отсликува духот на Њујорк и е наменета за жени и девојки со став, чувство за мода и стил. Линијата вклучува чизми до глужд во црна, сива и црвена боја, женствени дизајни на сандали за потоплите денови, како и модел на популарните клопми. Цените на чевлите се движат од 195 долари до 495 долари.

Објавено:
10 септември 2014
Категорија: 
Модни додатоци