Познатата двојка Викторија и Дејвид Бекам денеска ја прославува 18-годишнината од нивниот брак. Во 1999 година, тие одлучија да стапат во заедница, а низ годините се соочуваа со многу предизвици и тоа пред очите на јавноста.
Сепак, денес важат за една од најстабилните двојки во шоу-бизнисот. Родители се на четири деца, а и можат да се пофалат со и повеќе од успешни кариери.
По повод оваа годишнина, која изгледа освен нив ја „прославуваат“ и светските медиуми, ние се потсетуваме на тоа како изгледаа Викторија и Дејвид и нивната свадба пред 18 години:
Според тогашните пишувањата на медиумите, двојката за свадбата потрошила неверојатни 800.000 долари. Церемонијата се одржа во замокот Латрелстаун во Ирска. Поради екстравагантноста на целиот настан, луѓето коментираа дека се работи за кралска свадба.
На веселбата присуствуваа околу 230 гости, меѓу кои колегите на Дејвид од „Манчестер Јунајтед“ и Елтон Џон, кој требаше да ги забавува присутните, но поради срцевиот удар што го имаше претходно, не беше во можност да им ја исполни таа желба.
Наместо свадбени подароци, Дејвид и Викторија од гостите побараа да добијат ваучери за купување.
Свадбата се памети и по тоа што не беше дозволено никакво присуство на новинари. Замокот беше совршено обезбеден, а после големиот ден, двојката одлучи ексклузивните фотгорафии и интервју да ги даде за магазинот „ОК“.
Ако треба да се избере еден збор за да се опише оваа свадба, тогаш би го избрале раскош. Додека ги разменуваа заветите, ѕвездите седеа на златни престоли, а беше пуштен и гулаб како симбол на нивната љубов. На свадбата имаше и огномет, огромна торта, девојчиња облечени како ангели задолжени за фрлање на ливчиња од рози, виолетов килим по кој двојката чекореше...
За официјалната церемонија, Викторија носеше гламурозна венчаница дизајнирана од „Вера Ванг“ и 18-каратна златна круна од дизајнерот Слим Барет. Дејвид носеше одело во боја на слоновата коска. Кога се венчаваа, тие веќе го имаа синот Бруклин.
"Дијадемата беше изработена по нарачка и никогаш не е направено нешто слично. Уникатна е. Многу ѝ се допадна колекцијата 'Источно од Париз', па ги избравме елементите што таа ги сака и ги обединивме во уникатен дизајн.", изјави своевремено Барет за "Телеграф".
Но, тоа не беше сè. За забавата тие повторно беа усогласени и тоа во виолетови креации. Од денешна перспектива, Дејвид не е многу воодушевен:
-Тоа беше премногу впечатливо и смео. Викторија изгледаше убаво, но јас не знам што си мислев тогаш. Изгледав како ликовите од „Глупав и поглупав“ кога одат на забава во оние смешни костими. Дури имав шапка во виолетова боја. Неверојатно! – изјави Бекам за „Венити Фер“ во јануари годинава.
По венчавката, двојката замина на меден месец на Бора Бора, а потоа и на југот на Франција.
-Многу пари потрошивме на првата венчавка, бидејќи тогаш така се правеше. Но, оттогаш ги обновивме заветите и тоа го направивме во многу поинтимна атмосфера, со шест луѓе во нашиот двор. И за сите што мислат дали сме заедно бидејќи станавме бренд ќе кажам дека секако одговорот е не. Ние сме заедно затоа што се сакаме и имаме неверојатни четири деца – истакна Дејвид во истото интервју со магазинот.