40 години од "свадбата на деценијата“ на Боби од „Бони М“ и скопјанката Јасмина

31 август 2021

Ако ги прашате повозрасните, веројатно ќе се сетат на тоа колку било невообичаено и возбудливо да слушнете и видите дека Боби Фарел, машкиот вокал и танчар во тоа време на ултра популарната група „Бони М“ за сопруга ја зема 18 годишната Јасмина Шабан од Скопје.

И уште повеќе, дека свадбата ќе се одржи во главниот град, секако во хотел „Континентал“.

Неколку дена претходно, светот се восхитува на свадбата на принцот Чарлс и Дајана, но во Скопје народот има уште една бајка која му буди љубопитство и неверување.

Сепак, она што реално се случувало на свадбата не било ни блиску до спектакуларните најави. Всушност, според сведоштвата, многу повеќе драма и луѓе имало пред хотелот, што љубопитни - што обожаватели на Боби, отколку што било во салата каде што се одвивала свадбата.

Бидејќи нејзините родители барале премногу средства за свадбата да ја сними некој медиум, а ниту Боби Фарел пак бил премногу воодушевен од таа идеја, ниту една телевизија не ја пренесува свадбата. Само „Вардард филм“ ќе ја снима.

Ниту венчаницата на Јасмина, за која најавувале дека ќе биде гламурозна, со материјал купен од Индија, била навистина таква, ниту се појавиле атрактивните девојки од групата „Бони М“.

Фарел тогаш изјавил дека биле спречени да дојдат бидејќи купувале некој имот на Флорида, но некои тоа ќе го сфатат како знак дека тој баш и не бил важен член во групата.

Според достапните податоци, свадбата започнала во 16 часот. Кога боби во црн голем автомобил отишол по невестата, пред нејзината куќа веќе имало преку 200 роми, кои биле воодушевени од него. Оттаму се упатуваат во матично, каде ги чекаат преку 8.000 луѓе. 

Оттаму се упатиле во хотелот, следени од преку 12.000 луѓе.

Знаејќи како изгледаат и звучат ромските свадби оваа ни малку не била таква. Ниту младоженецот ниту невестата играле. Биле воздржани, а Јасмина воопшто не го ни тргнала превезот од лицето. Вработените во хотелот коментирале дека ова е најмирната свадба што ја имале, како и тоа дека ни десет чаши вкупно не се скршени. 

Уште понеобично е тоа што младенците рано ја напуштиле салата, за потоа да се вратат некаде пред полноќ, да поседат уште малку и потоа да се повлечат во хотелскиот апартман.

Ништо немало од темпераментот и сензацијата која многумина ја очекувале, па свадбата на деценијата како што и ја нарекувале, веројатно за многумина била и разочарување.

После свадбата, Боби и Јасмина заминуваат да живеат заедно. Тој продолжил со настапите ширум светот, а таа го чекала во вилата во која имало дури 13 соби. 

Уште при една изјава за медиумите, невестата нагласила дека не сака да биде класична домаќинка и дека ќе се школува за моден дизајнер, бидејќи веќе посетувала кројачки курс. 

И според последните сознанија, Јасмина денес живее во Германија и работи како моден дизајнер.

 

Инаку, двојката ќе остане во брак до 1995 година, кога и се разведуваат, а во тоа заедничко време ќе им се родат две деца - ќерка и син.

Ќерката Занилија гради кариера како хип-хоп артист, а во една прилика ќе рече дека и двајцата нејзини родители биле „прилично темпераментни и дека нивните кавги знаеле да преминат и во физичка пресметка“.

Сепак, и покрај ова Јасмина Шабан на Твитер, кој изгледа повеќе не го користи или барем не под тоа име, често знаеше да се потсети на поранешниот сопруг. Пред неколку години сподели фотографија од свадбата и напиша „ На први август се земавме, 2010 си замина. Не знам каде си, но со тебе е и мојата душа, ми недостасуваш“.

Боби Фарел почина во 2010 година, во Русија после еден настап, како последица на срцеви проблеми. 

Во Германија најчесто работел како Диџеј кога продуцентот Френк Фариан го повикал да биде дел од новоформираната група „Бони М“. Така, Боби Фарел станал единствениот машки член на групата. Подоцна Фариан изјавил дека Боби не пеел на снимките, туку машките вокали снимени во студио во најголем дел биле на самиот Фариан. Лиз Мичел потврдила дека само таа, Марсија Барет и Фариан пееле при снимање на песните. Сепак, Боби Фарел пеел во живо на некои од песните при настапи на групата. Фарел ја напуштил групата во 1981 година, по несогласувања со Фариан. Во 1984 година повторно се приклучил на групата и останал сè до 1986 година кога групата се распаднала

Ќерката на Фарел, Занилија  изјавила дека откако се распаднала групата, татко ѝ ги изгубил сите приходи.

Занилија

-Кога татко ми побара 100.000 марки од Фариан, му беше речено да потпише некои документи. Татко ми сè потпиша и изгуби сè - права на фотографиите, авторски права, а ние моравме да се преселиме кај баба ми во Холандија и да живееме од милостина. Татко ми беше многу лут, но мајка ми беше паметна и му рече дека ако го поседува името, може да го користи. Фариан не го регистрирал името „Бони М“ во цел свет, па татко ми можеше да настапува под тоа име во некои земји.

Боби Фарел настапувал со хитови од групата под името „Бони М на Боби Фарел". Тој исто така се појави како танчар во 2005 година во видео запис на Роџер Санчез за песната „Turn on the Music“.

 

извор: Twitter.com; yugopapir.com; wikipedia.com;

Објавено:
31 август 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
23.204 пати