Годинешното 66 – то издание на долгоочекуваните Еми награди ќе се случи за само три дена во Нокиа театарот во Лос Анџелес, а веќе се зборува дека и овојпат тоа ќе биде вечер за паметење.
Додека сите возбудено чекаме да видиме во какви креации ќе се појават нашите омилени девојки, време е за мала ретроспектива низ годините и потсетување на најубавите фустани досега.
Како што беше и досега, веруваме дека и овојпат, прекрасната Блејк Лајвли дефинитивно нема да нѐ разочара и ќе се појави во беспрекорна креација, а знаеме дека истото ќе биде случај и со шармантната Оливија Вајлд, Софија Вергара, Роуз Брн, Хајди Клум и уште неколку други холивудски девојки познати по одличниот стил.
На само неколку дена пред годинешното издание, веќе се случија и првите претпоставки за тоа што омилените актерки би можеле да носат во понеделник вечер, па така Софија Вергара повторно ја поврзуваат со црвен фустан од колекцијата на нејзиниот омилен Зухаир Мурад, Џулија Робертс со креација од ресортот на Валентино, шармантната Кејт Мара во Диор и Кери Вашингтон во Моник Лулиер.
Ако се вратиме неколку години наназад, она што дефинитивно прво ни доаѓа на ум, е совршениот фустан што Оливија Вајлд го носеше во 2008 – та година. Истиот беше креација на неверојатната либанска дизајнерка Реем Акра, чија популарност се вивна високо во облаците веднаш по Еми наградите. Токму овој фустан е можеби еден од најкопираните во историјата, како за невестински избор, така и за сосема обична тоалета за некој свечен повод.
Незаборавни дефинитивно беа и фустаните на неверојатната Ева Лонгорија која низ годините секогаш го правеше вистинскиот избор. Веднаш зад неа мора да ја споменеме и уникатната Софија Вергара која и покрај незгодата со патентот на совршениот Зухаир Мурад во 2012, изгледаше одлично!
Во групата незаборавни Еми креации на црвениот килим го вметнавме и оној на Нина Добрев – креација на Дона Каран од 2011 година, потоа сексапилниот син фустан на Емануел Унгаро што го носеше Хали Бери назад во 2005 – тата година, но и двата од ресортот на Армани кои совршено и прилегаа на нежната Клер Дејнс.
Во продолжение во галеријата, пред почетокот на годинешното издание на Еми наградите, да се потсетиме на некои од највпечатливите фустани низ годините.