Дита фон Тис лансира линија винтиџ очила за сонце

7 јули 2014

Коосновачот на Dita Inc, Џон Џунипер го одбрал ова име на компанијата бидејќи старлетата е негова блиска пријателка, која според него е олицетворение на убавината, со уникатен грациозен изглед, а за новата соработка изјавил – „ Инспирацијата за новата колекција е да се создадат елегантни модели на рамки на очила за сонце кои дамите ќе може да ги носат во секоја пригода“.

Дита фон Тис минатата сезона позираше за потребите на кампањата, но ова е нејзино прво дебитантско искуство во однос на очилата за сонце. Старлетата со оваа соработка го збогати своето модно портфолио во кое спаѓаат линијата фустани, парфемот и долната облека. „Не вработувам стилисти. Од секогаш сум била самоука, па за мене има смисла вклучувањето на сопствениот талент во креирањето на модни парчиња“  -изјавила Дита.

Во однос на новата колекција очила за сонце која ќе биде во винтиџ стил, Дита изјавила дека направила одредени измени  во однос на стандардниот изглед, кој помалку е монотон и не одговара на сечие лице. Според неа, очилата за сонце се спој на ретро со модернистички преференции – „Колекцијата очила за сонце ќе биде истовремено гламурозна и елегантна. Не се работи за модели кои ќе траат една сезона, туку ќе остават впечаток на безвременски моден додаток “.

Новата колекција очила за сонце составена од десет различни модели ќе биде официјално лансирана наредниот месец, а цените ќе се движат од 170 до 270 евра.

Објавено:
7 јули 2014
Категорија: 
Сцена