Џулиет Луис: Бунтовничка и дама во едно

10 јануари 2014

Американската актерка, пејачка и графички дизајнер, Џулиет Луис чија слава официјално почнува во 1991 година, е лик што кој и да го види, нема никогаш да го заборави. Многу филмски улоги, номинации за Златен Глобус, најдобра актерка и успешна музичка кариера, Луис едноставно плени со својата оригиналност. Се до 2009-та година таа освен како актерка се афирмира и како водечки вокал од нејзиниот бенд „Juliette and the Lick“, за потоа да продолжи со соло кариера.

Таа сега има 40 години, возраст што воопшто не игра никаква улога кога е во прашање нејзиниот стил, кој нема едноставна дефиниција. Кога ќе ги разгледате ретроспективните фотографии од изгледот на оваа модна камелеонка, ќе забележите дека таа води двојна модна улога. Кога се претставува на црвен килим како актер, таа е елегантна и моќна дама, за која ќе помислите дека го преферира феминистичкиот изглед и романтичните фустани. Најчесто ги носи креациите на Зак Посен и Моник Лулие, а и тогаш е оригинална на свој начин.

 

Но, кога  е на сцена како рокерка, тотално е друга личност. Моден бунтовник што на сцена секогаш има многу пердуви, шминка, слоевито комбинирани парчиња, кожни додатоци и облека. Трансформацијата е нејзина силна страна, а досега косата ја има обоено во сите бои, од небесно сина па се до руса, црна и црвена. Уличните комбинации најмногу и се состојат од комфорни секојдневни парчиња што секогаш ја рефлектираат нејзината бунтовност. Луис не се плаши да проба нешто ново на себе и секогаш е подготвена за преобразба, што очигледно и годи.

Објавено:
10 јануари 2014
Категорија: 
Сцена