Elle Style Awards 2015 во знакот на провокативните фустани

25 февруари 2015

Годинешното доделување на британските Elle Style Awards, кое веќе стана традиционално и се одржува за време на модната недела во Лондон, помина во знакот на добитниците и впечатливи модни креации.

Меѓу присутните беа супермодели, тв-презентери, дизајнери, музички ѕвезди, што беше само причина повеќе медиумите со големо внимание да го проследат овој настан.

Роси Ханингтон беше прогласена за Модел на годината, но наградата не беше единственото нешто поради кое таа беше во центарот на вниманието. Провокативниот кожен фустан со голем отвор од страната, креација на Ентони Вакарело, во кој се појави на црвениот килим, беше главната причина што сите апарати беа вперени во неа. Овој нејзин избор предизвика различни коментари, па додека едни се восхитуваа, други сметаа дека моделката со 27 години кариера зад неа малку ѝ оставила на имагинацијата.

Роси Ханингтон Вајтли

Но, ништо помалку внимание не привлече и Кара Делевињ, која беше нејзина спротивност. Миленичката на Карл Лагерфелд се појави како филмска дива од златното доба на Холивуд, што оди во прилог на наградата што ја доби, а тоа е откритие на годината во актерството. Долгата, црна тоалета, со долги ракави и длабоко деколте со потпис на Вивиен Вествуд, ја покажа женствената страна на Делевињ која најчесто ја гледаме во момчешки и широки комбинации.

Кара Делевињ

Креација на Џулијан Мекдоналд беше изборот на Тејлор Сфивт која беше прогласена за жена на годината. Со зелениот фустан во комбинација со црна тантела со патент на средина, пејачката сакала да се прикаже во провокативно издание.

Тејлор Сфивт во Џулиен Мекдоналд

Меѓу присутните беа и Алекса Чанг, Џордан Дан, Џеси Вер, Оливија Вајлд, Крис Харис и многу други, а ова е листата на наградени:

-Избор од уредниците (Editors Choice awards): Кристофер Бејли

- Најдобар млад дизајнер: Ешли Вилијамс

- Музичар на годината: Сем Смит

-Најдобар современ бренд: Marc by Marc Jacobs

-Модел на годината: Роси Ханингтон Вајтли

-Најдобра тв-актерка: Меги Гиленхал

-H&M награда за општествена свест – Лили Кол

-Ѕвезда во подем: Ребел Вилсон

-Најдобар дизајнер на модни додатоци: Стјуарт Виверс by Coach

-Награда за животно дело: Маноло Бланик

-Актер на годината: Лук Еванс

-Актерско откритие: Кара Делевињ

-Најдобар Red Carpet дизајнер: Мери Катранцу

-Најдобра филмска актерка: Дајан Кругер

-Дизајнер на годината: Ердем

-Награда за допринес во светот на забавата: Сајмон Коуел

-Жена на годината: Тејлор Сфивт

Објавено:
25 февруари 2015
Категорија: 
Сцена