Fashionel селектира: Најстилски жени и мажи за 2014

2 декември 2014

На неполн месец од крајот на 2014-тата година, време е за комплетирање на листата од најдобро облечените за годината што изминува. Fashionel ги селектира најстилските машки и женски јавни личности на светско ниво. Сублимирајќи ги впечатоците од изгледите на црвениот килим на многу значајни настани во текот на годината, како и изгледите од уличната мода, ги финализираме најдобрите десет. Во продолжение гледате  пет припадници на посилниот пол и пет славни дами. Нашиот избор изгледа вака:

Џастин О’Ши

Директорот за продажба на веб продавниците mytheresa.com. Џастин О’Ши е дефинитивно еден од најинтересните и уникатни ликови во модната индустрија, кој направи успешен спој на класичниот изглед, тетоважите и брадата, како негов заштитен знак. Иако за себе смета дека има досаден имиџ, сепак во неговиот гардеробер преовладуваат оделата и маиците, кои секогаш умешно и ефектно ги комплетира со капути, очила за сонце или интересен модел на капа. Модерниот и софистициран стил придонесоа Џастин често да биде цел на уличните фотографи, а и дел од листите на најубаво облечени мажи.

Џастин е само еден пример дека хероите од уличната мода имаат и тоа какво влијание на глобалната модна сцена.

 

 

Блејк Лајвли

Познатата „трачарка“ Блејк Лајвли плени со својата грациозност, отменост и фатална привлечност, која ќе ве остави без збор. Покрај успешната актерска кариера, може да се пофали со голем број модни соработки, кои придонесоа таа да го потврди своето место како најубаво облечена холивудска ѕвезда. Покрај гламурозните фустани на црвените килими, Блејк Лајвли воодушевува и со кежуал комбинациите, особено сега кога е во блажена состојба. Ефектните бои, интересните кроеви, несекојдневни комбинации, впечатливиот накит и високите потпетици се нејзин заштитен знак, а женствениот изглед и е секогаш во преден план.

 

Лени Кравиц

Тој е еден од најпосакуваните мажи во светот, има 50 години и милиони следбеници и обожаватели. Во месец мај годинава тој влезе во петтата деценија од животот, но очигледно годините за него претставуваат само бројки и не значат ништо. Оваа 2014-та година многупати не' воодушеви со своите беспрекорни рокерско- елегантни и бунтовнички комбинации. Успешноста и славатакај него секогаш одат во пакет.  Кога се вели дека одредени парчињата се синоним за личностите што ги носат, во конкретниот случај, тоа е обратно. Лени е бренд!

 

 Кејт Бланшет

Успешната актерка Кејт Бланшет е оригинален моден камелеон што секој дизајнер би посакал да ги носи неговите креации. Годинава на црвениот килим брилираше во секоја од тоалетите  што ги носеше. Нежна, елегантна, отмена и романтична, Бланшет е стилската икона која покажа дека може да го носи речиси секој брнед, но доколку се избере вистинскиот сензибилитет од поврзаноста меѓу креаторот и клиентот. Двете креации кои ги избираме за посебни од црвениот килим,  се од Златен глобус, филмските награди во Кан и Оскари,  дела на Валентино и Армани.

 

Том Форд

Дизајнерите честопати целата своја естетика ја „истураат“ на модните писти, па случајно забораваат или намерно го игнорираат својот личен стил. Па така најчесто на крајот од модното шоу ќе ги видиме во ноншалантна, лежерна облека. Том Форд е дефинитивно исклучок! Тој е еден од оние дизајнери кои подеднакво внимаваат и на индивидуалната визуелна претстава исто колку и на дизајнерскиот сенс во самите колекции. Како што и неговиот дизајнерски потпис е препознатлив по нескриената доза сексапил, гламур и современа класика, така и неговиот имиџ се сведува на овие основни компоненти. Одлично скроено сако, споено со кошула со впечатлив дезен и тесни панталони– тоа е Форд.

 

Оливија Палермо

Таа е кралица на уличната мода. Храбра, достоинствена и секогаш внимателна при изборот на своите стајлинзи. Едноставно Оливија Палермо има вродено сетило за добар стил. Честопати не' инспирира, а без исклучок секогаш не воодушевува. И во нејзините најстроги, деловни изгледи се насетува суптилна доза на романтика, а токму тоа ја прави посебна и женствена. Неслучајно, таа е секогаш во потесниот избор за најстилски дами за време на четирите светски модни недели, омилен лик за насловни страни и муза на дизајнерите.

 

Дејвид Бекам

Дејвид   Бекам нема да остане запаметен во историјата само како одличен фудбалер, туку и како една од најголемите и најпознати машки светски модни икони. Бекам стана бренд за кој се борат произведувачите на спортска облека, очила за сонце, долна облека...

Заедно со неговата сопруга Викторија станаа неизоставен дел од модната индустрија. Почнувајќи од различните фризури, кои станаа тренд, се поголем е бројот на мажи што го следат стилот на фудбалерот. Лицето на Дејвид Бекам стана препознатливо ширум светот. Познатиот вљубеник во модата лансираше своја линија на долна облека, колекција на детска долна облека, а се појави во кампањите на Армани, H&M, Белстаф, Марк и Спенсер, и многу други. Бил на насловните на голем број светски списанија, а посебен акцент ќе ставиме на насловната на француски Vogue, каде позираше заедно со сопругата Викторија. Се најде на третото место на листата за најдобро облечен маж во 2014 година, Томи Хилфигер го круниса за најдобар модел на долна облека, а сосема заслужено се најде и на годинешната листа за најстилски мажи на 2014 година.

Амал Аламудин - Клуни

Не случајно на нашата листа за најстилски жени се најде и сопругата на најпосакуваниот поранешен ерген на сите времиња Амал Аламудин – Клуни.  Познатата адвокатка пред се има држење и став што би го износеле секое парче облека. Грациозната Амал умешно комбинира одлични парчиња облека кои го нагласуваат нејзиниот стил, најчесто базиран на спортска елеганција. Секако, соодветно на приликите таа исто толку добро ги носи и елегантните тоалети и коктел фустани, секогаш со неограничена доза на шарм.

Омилени модни варијанти и се оние кои ги потпишува Оскар де ла Рента, неодамна починатиот дизајнер кој ја креираше и нејзината венчаница. Госпоѓата Клуни одлично носи комбинации потпишани од Долче и Габана, Џамбатиста Вали, Александар Меквин, Сара Бартон и многу други. Имено Амал се најде и на листата номинирани за најдобра стилска Британка.

Бредли Купер

collage1

Бредли Купер – име што го среќававме многу често оваа година. Од Гламур беше прогласен за еден од десетте најдобро облечени мажи, според листата на Форбс е еден од најплатените актери, се појави на сите позначајни случувања, како и спортски манифестации. Првата модна асоцијација на Бредли Купер е доброскроено одело. Актерот често го практикува, а дамите уживаат да го гледаат во нив. Одлично му прилегаат. Но, Купер не е ништо помалку привлечен и со добар моден избор во лежерните комбинации. Во продолжение погледнете дел од нив, во кои го гледавме во годината на изминување.

collage2

 

Гвен Стефани

collage1

Гвен Стефани е пример за позната дама која и покрај обврските, секогаш знае да биде средена од глава до пети и тоа на наједноставен, и впечатлив начин. Токму поради конзистентниот и оригинален стил кој го негува години наназад, Гвен е често на листата за најдобро облечени, па така и на нашата, секогаш стилизирана со парчиња кои се апсолутен „ин“. Очилата за сонце и црвениот кармин, се едни од најпрепознатливите нејзини знаци. Изминатава година ѝ беше исполнета со голем број ангажмани, меѓу кои и враќањето на модната сцена, по тригодишна пауза. Во свој стил, ја претстави пролетно-летна колекција за 2015 година под етикетата L.A.M.B во рамките на NYFW. Во текот на оваа година се запознавме и со новата колекција чевли GX, а тука беа и бројните настапи на манифестациите, каде со својата појава беше забележана на црвениот килим.

collage2

Објавено:
2 декември 2014
Категорија: 
Сцена