Вчеравечер во Њу Џерси се собра кремот на музичката индустрија на традиционалното, 39-то по ред доделување на MTV Video music awards каде беа наградени најзаслужните во музичкиот свет за годинава.
Триумфираше Тејлор Свифт, која освои три награди меѓу кои и најзначајната за Најдобро видео на годината („All too well"), а приликата ја искористи да го најави и нејзиниот нов албум „Midnights". Меѓу големите победници вечерта беше и Хари Стајлс кој исто така освои три статуетки вклучително и за Најдобар албум („Harry's House") и Најдобар поп изведувач.
Вечерта со сценски перформаси ја збогатија и рок атракцијата Манескин, ветераните Еминем и Снуп Дог, како и актуелната јужнокорејска женска група Blackpink.
Црн тепих
За разлика од минатата година, кога на црвениот тепих видовме лепеза од светли и интензивни бои, годинава модната патека беше во знакот на црната боја.
Најголем дел од ѕвездите што тука продефилираа, се одлучија за загасити, темни нијанси и аутфити претежно во црна боја. Така беше оставен простор да се стави акцент на силуетите и деталите, што и покрај во основа елегантната естетика, имаа прилично драматична нота.
Ексцентричната модна енергија не недостасуваше ниту годинава, овојпат доловена преку неколку неконвенционални изгледи, како волуменозната креација од Жан пол Готје што ја носеше Lizzo или пак провокативните костими на Гучи специјално креирани за членовите на Манескин.
Во продолжение, погледнете дел од атмосферата низ фотографии.
Фото: Getty images