И додека во Њујорк се случува еден од најзначајните модни настани – Њујоршката модна недела, целата холивудска актерска елита се пресели во Торонто каде се одржува годинешното издание на еден од најпознатите филмски фестивали во светот.
Изминатите неколку дена во рамки на фестивалот се случија некои од долгоочекуваните премиери на есенските филмски хитови, кои ѕвездите ги промовираа во своите најблескави изданија како што и се очекуваше.
Дефинитивно најголем впечаток оставија прекрасните Кира Најтли и Џенифер Анистон кои за своите премиери променија дури неколку стајлинзи.
На шестиот ден од фестивалот, шармантната британска актерка Кира Најтли која ја толкува улогата на Џоан Кларк во „The Imitation Gamе“, се појави во магичен бел Шанел фустан до колената со нагласена шминка и сосема едноставна фризура. Претходно, таа ги воодушеви нејзините обожаватели кога на црвениот килим пристигна во колоритно Шанел кусо фустанче кое буквално го одземаше здивот.
Прекрасната Џенифер Анистон за премиерата на нејзината нова драма „Cake“ во која таа ја толкува улогата на Клер Симонс, смени неколку, претежно потемни комбинации. Таа уште еднаш му докажа на светот дека дефинитивно годините не и можат ништо во црна куса креација со длабок шлиц, во која иако имаше мали незгоди со горниот дел, таа изгледаше совршено!
Дел од вниманието во изминатите денови на филмскиот фестивал во Торонто го однесе и ултра – популарната манекенка Кара Делевињ која е дел од екипата на новиот The Face of An Angel чија премиера се случи токму на фестивалот, а Кара се појави во зелен фустан без прерамки, а на новинарскиот прес во едноставен сив костим со транспарентна кошула одоздола.
Вистинска ѕвезда овие денови беше и шармантната млада актерка Клое Грејс Мориц која прикажа одлични способности во новиот филм со Дензел Вашингтон „Equalizer“, чија долгоочекувана премиера се случи токму на овој филмски фестивал.
Во сосема софистицирано издание, како и секогаш, се појави единствениот Ал Пачино како главен актер во „The Humbling“ и „Manglehorn “, кој на пресот организиран за новинарите, постојано правеше шеги на своја сметка и говореше за тоа како е да се старее, односно да се биде во најдобрите години!
Во исчекување на кино премиерите да дојдат и кај нас, погледнете ги фотографиите од највпечатливите и најблескави моменти од филмскиот фестивал во Торонто од изминатите неколку денови.