Холивудските диви блеснаа во секси креации на Critics’ Choice Awards

18 јануари 2016

Прекрасната Санта Моника беше местото каде вчеравечер се одржаа традиционалните Critics’ Choice Awards на кои се појавија голем број познати ѕвезди од светот на филмот и телевизијата.

Вистински победник вечерта беше Џорџ Милер кој си замина со наградата за најдобар режисер за неговото дело Mad Max: Fury Road.

Critics’ Choice Awards речиси секогаш се едни од најголемите предвесници на она што ќе се случува на традиционалните Оскари, а доколку се суди по тоа, Mad Max франшизата за овие награди беше номинирана дури во девет категории, вклучувајќи ја и онаа за најдобар режисер.

Хитот The Revenant на Алехандро Инариту беше номиниран дури во девет категории од кои победи во две, меѓу кои и онаа за најдобар актер која му припадна на Леонардо Ди Каприо.

За најдобар филм беше прогласен Spotlight на режисерот Том Мекарти со Марк Рафало, Мајкл Китон и Рејчел Мекадамс во главните улоги.

Наградата за најдобра актерка ја освои младата и талентирана Бри Ларсон за одличната улога во Room, најдобар актер во споредна улога е Силвестер Сталоне, додека Алиша Викандер беше прогласена за најдобра актерка во споредна улога за The Danish Girl.

Сосема очекувано, холивудските девојки на црвениот килим се појавија во одлични комбинации од кои дефинитивно најголем впечаток оставија Роси Хантингтон Вајтли и единствената Џенифер Анистон која се одлучи за прекрасна сина тоалета.

Подеднакво прекрасна беше новата миленичка на Холивуд, шведската актерка Алиша Викандер која овој пат се одлучи за долга тоалета со неодолив вез и едноставна шминка и фризура.

Вистинска убавица беше и актерката Кејт Бекинсејл која се појави во долга сребрена тоалета со соодветен блескав накит и лежерна фризура.

Ќерката на Лени Кравиц, Зое која е дел од хитот Mad Max: Fury Road, одбра навистина интересна комбинација составена од портокалови свилени панталони во комбинација со розова маичка со тенки прерамки.

Никако не смееме да ја заборавиме и единствената Хелен Мирен која не ги изневери нејзините омилени Долче и Габана и блесна во црно – бела креација со цветови.

Во продолжение погледнете ги сите креации од црвениот килим, а на следниот линк дознајте кои беа останатите победници на вечерта.

Објавено:
18 јануари 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.925 пати