Едно од најголемите случувања во Босна и Херцеговина, „Sarajevo Film Festival“, започна изминатиов викенд, на радост на сите љубители на филмската уметност од регионот.
Ова 20-то јубилејно издание на манифестацијата, собра голем број познати личности и уметници од оваа сфера, како од Босна, така и од странство.
Припадничките на понежниот пол се израдуваа на присуството на актерот Гаел Гарсија Бернал, една од ѕвездите на годинешното издание.
На секој филмски фестивал, покрај остварувањата, втората најкоментирана работа е модата. Ова воедно претставуваше предизвик и за дизајнерите да се претстават во што подобро светло, како и за оние што ги носат. Со оглед на тоа колку сите сме желни да видиме гламур и луксуз, порталот modamo.info испрати една од своите модни уреднички, Мартина Саира Конаковиќ, да биде дел од случувањето.
За таа цел, со Мартина е изработен едиторијал во духот на стариот филмски гламур.
Всушност, Мартина беше една од највпечатливите дами на црвениот килим. За неа посебно се подготвуваа креации, а две посебно го провлекоа вниманието. Едната направена од крзно, другата златна, со потпис од Нина Варга.
За креацијата во загасито златна боја, во која уредничката се појави на отворањето на фестивалот, дизајнерката вели дека била инспирирана од неубавите случувања во регионот:
-Со овој фустан сакам да ги одбележам поплавите кои ги снајдоа БиХ, Србија и Хрватска. Затоа бирав материјал што асоцира на дождовен мантил, а кога зборуваме за косата, изборот беше јасан - „мокра коса“, влажно сјајно лице со панк елементи, како што се темните усни и ѓерданот од метални синџирчиња во златна, сребрена и бакарна боја. Мартина изгледа одлично и задоволна сум како го прикажа фустанот - изјави дизајнерката за порталот modamo.info.
На втората вечер оваа русокоса се појави со коса во виолетова нијанса која Шанел ја претстави како нијанса на сезоната во „супермаркет“ ревијата. А креацијата од крзно, направена од Џанго во соработка со Нина Варга. За стајлингот беа овозможени и соодветни чевли.
-Првин мислев дека ова ќе биде премногу за нашето општество. Но, бев храбра и драго ми е. Се чувствував поинаку, силно и тоа направи да го откријам тој храбар дел од мојот карактер. Кога ќе облечете нешто со што знаете дека ќе шокирате, се чувствувате моќно, макар на момент, а така всушност треба да се чувствува секоја жена - вели Мартина.
На отворањето вниманието го привлече и познатата хрватска актерка Зринка Цвитешиќ во долга портокалова тоалета, дело на дизајнерката Матија Вуица.
Ништо помалку не беше забележана на вториот ден, на премиерата на филмот „Остров на љубовта“ (Оток љубави), кога се одлучи за бохо изглед.
Сепак, една од можеби најкоментираните е појавата на познатата хрватска актерка Бојана Грегориќ во шпански стил, што совршено и' прилега на фигурата. Гламурозно и храбро, со оглед на длабокото деколте.
За љубителите на модата беше интересен и изборот на режисерката на филмот, Јасмина Жбаниќ.
На овој фестивал имаше место и за модните блогерки, па на црвениот килим се појавија босанската блогерка Ајнира како и српската Зорана.
Во продолжение погледнете уште неколку од највпечатливите креации од првите два дена од ова случување: