Каде ќе престојуваат ѕвездите за време на Канскиот филмски фестивал?

13 мај 2014

Фестивалот во Кан има особена магија, атмосфера со која ретко кој друг настан може да се спореди.

Прекрасното азурно крајбрежје отсекогаш било мамка за богатите, успешни и моќни луѓе, а филмскиот фестивал што со години го посетуваат некои од најпознатите светски филмски ѕвезди, дополнително го позиционираше Кан како една од најпосакуваните дестинации.

Новото издание на фестивалот ќе се одржи од 14 – ти до 25 – ти мај, а хотелските апартмани веќе одамна се резервирани за бројните ѕвезди кои што сакаат да го избегнат метежот и огромниот број фотографи од сите страни на светот.

Кога се познатите во прашање, се одбираат исклучиво најдобрите и најексклузивни хотели во Кан. Во богатата понуда од луксуз, на првите и најдобри места се најдоа хотелите Интерконтинентал Карлтон, Маџестик Бариер, Хотел ду кап Еден Рок и Мартинез.

Хотел ду кап Еден Рок

Иако овој хотел од Кан е оддалечен 15 минути возење со автомобил, овој бисер од престижната Ектерк колекција, е една од омилените дестинации на познатите и славни светски ѕвезди. Сместен е во вистински зелен, медитерански рај и нуди буквално сѐ што една ѕвезда може да си посака за време на својот престој.

 

Често е нарекуван „стара дама на Азурното крајбрежје“, а во него има вкупно 115 соби и апартмани и две приватни вили кои што им ја обезбедуваат сета приватност на светот на своите посетители. Во овој хотел отседнале ѕвезди како Кевин Костнер, Моника Белучи, Шерон Стоун, Лард вон Триер, Џенифер Лопез, Џон Траволта, Пенелопе Круз и други.

Интерконтинентал Карлтон

Во самото срце на Кан, Интерконтинентал Карлтон е вистински традиционален луксузен дел од елитниот туризам во овој прекрасен град. Истиот има традиција од 100 години со неговата импозантна градба, а во него се пречекани некои од најпознатите филмски уметници.

Хотелот има 343 соби и апартмани, бројни ресторани и барови како и неверојатна летна тераса која е позната по бројните отмени коктел забави кои што ги приредувале познатите светски ѕвезди. Во ова прекрасно и магично место отседнале познати фаци како Софија Лорен, Дајан Кругер, Грејс Кели, Алфред Хичкок, Кери Грант, Барак Обама, Џесика Честен и други.

Маџестик Бариер

Неверојатниот и величествен Маџестик Бариер хотел има комплетно нов и магичен изглед за кој е заслужен одличниот архитект Жан Филип Нуел. Атрактивната хотелска плажа е реновирана во согласност со сите еколошки принципи – на плажата има мобилна тераса која може да прими до 100 гости.

Хотелот има 265 соби и 84 апартмани, вклучувајќи 2 пентхаус апартмани со неверојатен поглед. Овде отседнале Ева Лонгорија, Брус Вилис, Роберт Патинсон...

Хотел Мартинез

Овој хотел ќе ви понуди сѐ што можете да си замислите: традиција, ресторан со одлична храна, апартмани со поглед на француската ривиера, најголема приватна плажа, ексклузивни спа центри и третмани.

Од сезона во сезона, ова место е сѐ повеќе полно со ѕвезди и рецепцијата често изгледа како мини црвен килим на кој се сретнуваат бројни модели, актери, селебрити... Хотелот има 409 соби и 27 беспрекорно уредени апартмани. Тука отседнале Мила Јовович, Бенисио Дел Торо, Анџелина Џоли, Бред Пит..

Кое од овие магични места најмногу ви се допадна?

Објавено:
13 мај 2014
Категорија: 
Сцена