Иако многумина ќе речат дека накачувањето килограми и не е така тешка „дисциплина“, сепак ќе се согласите дека промената на навиките не е така едноставна работа.
Некои од актерите во текот на кариерата се соочија токму со таков предизвик - за краток временски период да ги сменат своите навики и значително да го зголемат бројот на килограми.
А еве како тоа им успеало:
Џаред Лето во филмот Chapter 27 (2007)
Во споменатото остварување, Џаред Лето го толкуваше Марк Дејвид Чепмен, човекот кој го уби Џон Ленон. За што повеќе да наликува на него физички, актерот се здебелил дури 30 килограми. Тоа го постигнал така што секоја вечер консумирал по неколку литри стопен сладолед, помешан со соја сос и маслиново масло.
Колин Фарел - The Lobster (2015)
За улогата во филмот „Јастог“, Фарел се здебелил 20 килограми и тоа за само два месеца. Тоа го постигнал така што секој ден внесувал по дури 4.000 калории во својот организам. Престанал да вежба и да се движи, па неговата сестра имала задача да го води каде и да требал да оди.
Кристијан Бејл - American Hustle (2014)
За да има стомак и да изгледа како човек од 100 килограми, морал да јаде се' што ќе му дојде при рака, но најчесто крофни и чизбургери.
Шарлиз Терон - Monster (2003)
Во 2004 година, Шарлиз Терон добива Оскар за улогата на Ајлин Вунро во филмот „Монструм“. Покрај тоа што благодарение на шминката е непрепознатлива, таа е и значително подебела отколку што јавноста ја знае. За потребите на улогата таа го зголемила внесот на јаглехидрати, а во една пригода изјави дека покрај креветот постојано имала макарони со сирење за во сред ноќ да може да стане и да јаде.
Џорџ Клуни - Syriana (2005)
Својата физичка трансформација за потребите на ова остварување, Џорџ Клуни ги објасни на следниот начин: „Мојата работа беше да јадам колку можам побрзо и што повеќе, односно да јадам додека не почувствувам дека ќе повратам доколку уште еден залак ставам во уста. Значи, месец дена имав задача само да јадам“, вели актерот, кој додава дека во тој период јадел и по девет оброка дневно, што резултирало со 14 килограми повеќе од претходно.
Метју Меконахи - Gold (2016)
Актерот за шест месеци требал да се здебели 18 килограми, а тоа му успеало на следниот начин: „Моето омилено јадење се чизбургерите, па ја искористив шансата да ги јадам постојано. Јас и си ги готвев. Исто така, пробував чизбургери од различни ресторани за брза храна кои никогаш не сум ги пробал. Единствената работа која станува здодевна беше помислата на откажување.
Мет Дејмон - The Informant (2009)
За ова остварување, како вели, го сменил својот изглед, благодарение на тоа што јадел се' што не треба.
„Почнав да јадам како луд и да пијам темно пиво. Помеѓу оброците на сетот, ќе изедев најкалоричен сендвич оброк од Мекдоналдс, а потоа ќе завршев со „Доритос“ чипс. Тоа беше рај“, изјави актерот во една пригода.