Карл Лагерфелд го прослави лансирањето на новите парфеми со гламурозна забава

15 март 2014

По гламурозното отворање на новото модно царство на Карл Лагерфелд на Regent Street во дождливиот Лондон, повеќе од очекувано беше дека тој ќе направи забава за да го прослави новиот успех.

На свечената вечера и забава во соработка со Хародс на која тој ги промовираше новите парфеми на модната куќа, продефилираа голем број на познати личности, пред сѐ, омилените модели на креативниот дизајнер.

Според многумина, во тотално промашено издание на забавата се појави во моментов најактуелната манекенка Кара Делевињ која поради непријатностите со кошулата што ја носеше, изгледаше доста непристојно.

Светските модни критичари го криткуваа и изгледот на нејзината другарка, моделот Суки Ватерхаус која на забавата се појави во пастелно розов фустан во комбинација со бели хулахопки и отворени сандали.

Апсолутна поддршка на дизајнерот во промоцијата на новите парфеми му дадоа и некои од неговите најдобри пријатели – модели како прекрасниот Дејвид Ганди, Пикси Лот и принцезата Беатрис.

Тој неодамна во едно интервју за магазинот Мери Клер посочи дека новите парфеми за мажи и жени од неговата модна куќа раскажуваат вистинска „мода за носот“!

„Денеска, модата не се врти само околу облеката, туку за цел еден пакет – не само модни додатоци и очила за сонце, туку парфемите спаѓаат тука исто така“, изјави Лагерфелд.

Тој додаде дека она што е особено важно за една модна куќа е истата да има свој парфем.

„Парфемот е исто толку важен колку една креација што ќе излезе од било која модна куќа“, додаде Лагерфелд за крај.

Новите парфеми на Карл Лагерфелд ќе бидат достапни во стоковната куќа Хародс од 23 – ти март, а веќе од следниот ден и во парфимериите ширум светот.

Објавено:
15 март 2014
Категорија: 
Сцена