Книга посветена на животот и работата на Оскар де ла Рента

3 февруари 2014

 

Модната авантура на Оскар де ла Рента започнува во Шпанија, во модната куќа на Кристобал Баленсијага. Потоа својот моден идентитет и искуство го гради во Ланвин, за на крајот конечно во ’60-тите да се пресели во САД, стартувајќи свој сопствен бренд кој за многу кратко време станува водечка фигура на меѓународната модна сцена. По пет успешни децении работа, тој продолжува да создава фасцинантни модни приказни и проекти кои се резултат на неговата трајна креативна муза и специфична модна визија.

 

 

Дизајнерот во една прилика има изјавено:

„Сакам да правам облека која луѓето ќе ја носат, а не да создавам стилови кои ќе бидат сензација на пистата“.

И токму оваа констатација е она што него самиот го прави да стане ценет и почитуван не само во рамките на модната фела, туку и во очите на луѓето ширум светот. Неговите креации се посакувани од милиони жени во светот. Особено омилен помеѓу американските први дами како Ненси Реган и Мишел Обама.

 

 

Во 1975 година Vogue го прогласи за „Крал на Вечерта“! Никој не прави една жена, да се чувствува повеќе од жена во текот на ноќта. И сите се согласија со тоа.

 

 

Издавачката куќа Асулин го прославува животот и делото на Оскар де ла Рента во најновото издание на книга со наслов „Оскар де ла Рента: Стилот, Инспирацијата и Животот на Оскар де ла Рента“. Книгата е всушност надоградена верзија на веќе издадениот оригинал во 2002 година. Приказната тотално го обзема читателот и го носи на едно преубаво патување низ креативните лавиринти и приватниот живот на дизајнерот.

 

 

Во прилогот на почетокот од книгата, најславната модна уредничка и пријателка на дизајнерот, Ана Винтур, напиша:

„...Оскар целосно се познава себе и неговите креации,начинот на кој се облекуваат и носат... тој никогаш не се обидел да биде авангарден или неразбирлив во однос на стилот и начинот на работа. Тој шие прекрасна облека, која никогаш не е премногу секси, а сепак е атрактивна, колоритна и женствена...“

 

 

Објавено:
3 февруари 2014
Категорија: 
Сцена