Кој е новогодишниот фустан од бајките?

26 декември 2013

 

Модната куќа Гучи отсекогаш била синоним за раскош и сексапил, а тоа го потврдија и во својата колекција за актуелната сезона есен-зима 2013/14. Фрида Џанини инспирирана од максимализмот креираше фустан во боемскиот дух на 1970-тите од транспарентен мрежаст материјал со мноштво светки и пердуви во нијанси на златна, смарагдно зелена и сина боја.

 

 

Потпирајќи се на раскошот како заштитен знак на овој моден бренд и внесувајќи дел од сопствената фантазија, Фрида создаде прекрасна тоалета што украси многу насловни страници на светски познати магазини. На насловната на кинеската едиција на магазинот Elle во овој фустан се појави и „озборувачката“ Блејк Лајвли, потоа магазинот W  - за својата насловна овој фустан и го додели на пејачката со секси облини Џенифер Лопез, актерката од „Сексот и градот“ Сара Џесика Паркер, која важи за една од најголемите модни икони, ја носеше уникатната креација на насловната за Harper’s Bazaar, а за насловната на септемвриското издание на британски Elle, оваа креација ја облече и Кејт Аптон.

 

 

Овој фустан буквално владееше на страниците на печатените медиуми, веднаш по нејзиното претставување на модната ревија, а ние ја одбравме како идеална инспирација за новогодишната ноќ која ќе ја дочекаме за точно пет дена.

 

 

Бидете принцеза од бајките и дозволете да ве понесат крилјата на креацијата кон ѕвезденото небо обоено во боите на огнометот.

Објавено:
26 декември 2013
Категорија: 
Сцена