Метју Меконахи доби ѕвезда на Булеварот на славните

18 ноември 2014

По оскарот за улогата на Рон Вудроф во филмот „Dallas Buyers Club“, 2014-та година на актерот кој е по потекло од Тексас, Метју Меконахи му приреди уште едно ѕвездено изненадување. Имено, вчера, актерот ја доби својата ѕвезда на Булеварот на славните во Лос Анџелес, под реден број 2534 и со тоа стана дел од големото семејство на холивудски великани.

Актерот на свечената церемонија пристигна во придружба на Дон Филипс, продуцент на филмот„Животот е сон“, каде што Меконахи го имаше својот деби- настап на големото платно и Кристофер Нолан, режисерот на филмот „Interstellar“, кој деновиве руши рекорди низ кино салите во светот.

Актерките Ен Хатавеј, Џесика Честејн и Мекнези Фоу, исто така дојдоа да бидат дел од овој свечен настан. Меѓу присутните беше и сопругата на Меконахи, Камила Алвес и невните три деца Леви, Вида и Ливингстон, со кои актерот позираше пред фоторепортерите.

„Ѕвездите се награда за успехот. Денешниот ден е семејна работа“, напиша гордата сопруга на Меконахи на социјалните мрежа Твитер, неколку часа пред почетокот на официјалната церемонија.

Објавено:
18 ноември 2014
Категорија: 
Сцена