Модно жири од 29-то издание на Макфест

9 јуни 2014

Изминатата недела имавме можност да го проследиме 29-то издание од фестивалот на забавна мелодија- Макфест. Во градот под Исарот беше стационирана речиси целата забавна естрада, меѓу која на сцената од трите фестивалски вечери настапија  познати и помалку истакнати дебитантски пејачки имиња. Оваа година фестивалот значително се различуваше од сите изминати изданија, па така од псевдонимот кој го доби минатата година како „безгласен“, премина во звучен фестивал, збогатен со многу еминентни музички гости и високи парчини награди за најдобрите. Исто така, организаторите се потрудија на фестивалот да му дадат една погламурозна нота со исполнувањето на сцената со инструменталистите од Ревискиот оркестар на Македонската Радио Телевизија, со што Макфест му се доближи на Скопскиот фестивал, односно по гламурот потсетуваше на истиот. Генералната слика во однос на сценските изгледи како на женските така и на машките изведувачи беше на задоволително ниво и повеќето од нив се потпреа на сигурната и непогрешлива варијанта на аутфити во црна боја. Пејачите најчесто носеа костими, а пејачките макси тоалети. Секако, не беше се беспрекорно, па така кај повеќето од машките изведувачи забележавме пропуст во однос на ракавите кај кошулите кои им излегуваа од сакото повеќе од потребното. Имаше и лош спој на принтови, демоде кроеви, но и комплетни промашувања од спортски аутфити што не компарираа на свечениот сценски дојам. Во продолжение фокусираме на оние изгледи што го привлекоа нашето внимание во позитивна конотација и дефинитивно заслужуваат пофалба.

За еден од најуспешните женски сценски стајлинзи го издвојуваме оној на пејачката Наташа Малинкова,  која и овој пат не изненади со трендовска и шик минималистичка комбинација што  најчесто ја гледаме на светски настани од црвен килим. Наташа, секогаш преферира да се издвојува со уникатните аутфити, па така и за ова издание на Макфест таа се одлучи за смела варијанта од актуелната жолта и црна нијанса. На себе имаше спој од црни панталони во цигара крој, надополнети со пресечен макси фустан во предниот дел кај нозете, додека во горниот предел беше во форма на кошула со суптилни црни копчиња. Малинкова има уште еден плус од нас за шминката и фризурата како и за нејзината витка силуета бидејќи од неодамна стана мајка по вторпат.

Победничката Биба Додева свесна за своите облини се одлучила за црна тоалета која се надополни како со баладата што ја пееше така и со сцената. Фустанот сам по себе во делови беше светкав и доволно украсен за накитот да биде изоставен. И на двата настапи, пејачката го носеше истиот фустан само направи мала промена во фризурата.

 

Домаќинката на настанот, водителката Марјана Станојковска сите три фестивалски вечери имаше добитни комбинации од макси фустани кои дополнително го истакнуваа нејзиното тело. Дека навистина и одговараа и се чувствуваше удобно во нив, во неколку наврати  доказ беше нејзината разиграност заедно со танчарите на сцената.

 

Дебитантите иако за првпат се појавија на голема сцена, се покажаа во одлично модно светло. Од нив го издвојуваме младиот пејач Мартинијан Кириловски кој  иако носеше класичен костум, презентираше младешки дух од истиот, со тоа што карираниот принт од кошулата одлично го комбинирал со усогласената нијанса од сакото и земјениот тон од панталоните.

 

И дебитантката Симона Попоска имаше добитна комбинација од сценски стајлинг. Таа се појави во долг црн фустан изработен во смирен крој, отворен со висок шлиц и декориран во предниот дел кај градите со мрежа од светкави камчиња. Фризурата и шминката се надополнуваа на елеганцијата и сензуалноста од аутфитот, еднствена забелешка имаме само кај накитот на рацете кој и не морала да го носи.

 

Калиопи во улога на гостинка, на сцената се појави во младешка комбинација што од пред извесен период ја негува. Овој нејзин избор беше доказ дека вистинските трансформации можат многу да го променат сензибилитетот на личноста.  Овој имиџ дефинитивно и прилега, посебно фризурата која и дава сосема поинаква димензија од она што сме навикнале да ја гледаме.

Објавено:
9 јуни 2014
Категорија: 
Сцена