Годишните сумирања не се однесуваат само на најдобрите. Иако предновогодишниот период го искористивме за да ги пофалиме најдобрите трендови, најдобро облечените личности, овие први денови во 2016-тата ќе се потсетиме на оние што ни останаа во сеќавање, но не по добрите и стилизирани комбинации.
Во продолжение ви ги презентираме најлошите модни комбинации за 2015 година, што подеднакво оставија трага на модната сцена (иако листата секако не завршува тука).
Крис Џенер уште на почетокот на минатата година непријатно го изненади модниот свет. Иако како гостин на модната ревија на Шанел се потруди максимално да го испочитува брендот, сепак овие панталони би се очекувале од некоја од нејзините ќерки. Во споредба со горниот дел од комбинацијата, долниот изгледа како да заборавила да се облече.
Нема кој не се сеќава на фустанот што го носеше Ријана на „Греми“ наградите. Во креација на Џамбатиста Вали, пејачката многумина ја споредија ја торта, а шегите на нејзина сметка и овој пат беа многубројни. Како и да е, на Ријана ѝ успеа и овој пат да биде во центарот на вниманието.
На истите „Греми“ награди го видовме и потпирачот за задник на Мадона. Иако од неа секогаш се очекува до шокира, ова не наиде на воодушевување кај публиката. Многумина коментираа дека е веќе време да се повлече. Но, затоа медиумите ѝ беа благодарни, бидејќи неколку дена успеваше да им ги пополни содржините.
Стилот на Ким Кардашијан се коментираше низ целата година. Многумина сметаа дека таа веќе претера со транспарентните и тесни креации. Но, Ким не попушти. Во текот на бременоста таа продолжи со провокативниот, но не така добар стил.
А овој транспарентен комбинезон од татела е еден од доказите за тоа.
Иако во последно време на моменти нè тера да помислиме дека се смирила, Лејди Гага во изминатата година нè потсети дека не смееме да заборавиме на нејзините шокантни изданија, по која нели и ја запознавме. А овој од фотографијата погоре е еден од нив. Ова е Лејди Гага во издание: „Што мислеше кога го облече ова?“.
Иако Гвен Стефани е една од подобро облечените личности и најчесто се наоѓа на оние другите листи, сепак и таа имаше кикс. На „Американските музички награди“ се појави во транспарентен фустан чија поента речиси никој не можеше да ја сфати. Со карнери и широки ракави во горниот дел, Гвен изгледаше како лилјак.И покрај тоа што транспарентните фустани беа најголем моден хит за 2015 година, многумина се сопнаа токму на нив.
Доказ за тоа се и Хајди Клум, Кајли и Кендал Џенер. Германскиот модел минатата година често се најде на удар на модните критичари, а оваа креација на Версаче беше уште една од тие што предизвикаа поделени коментари. И додека обожавателите тврдеа дека е секси, модниот свет тврдеше дека овој избор е грешка што упорно ја повторува. Кога се сестрите Џенер во прашање, транспарентноста е нешто што тие често го практикуваа. Кајли во белата креација изгледа како да облекла завеса на себе.
Кендал Џенер пак, која е често на листата на најдобро облечени сите ги изненади со овој комбинезон на Балман, кој повеќе открива отколку што сокрива. И тоа непотребно.
Уште еден одбид за транспарентна или т.н гола креација, овој пат од страна на Киша. Коментар не е потребен.
На оваа листа се најде и пејачката Кети Пери. Како заштитно лице на брендот „Москино“ и пријателка на Џереми Скот, таа на „Мет Галата“ во мај месец се појави во креација токму од овој дизајнер. И покрај тоа што Скот е еден од омилените дизајнери на младата генерација, особено поради вметнувањето на поп културата во неговиот дизајн, овој фустан не ѝ направи услуга на Пери. А и дизајнерот се соочи со обвинение за плагијаторство.
И листата веројатно не би била комплетна без Мајли Сајрус. Како домаќинка на „Ем-Ти-Ви Видео наградите“ таа се потруди што повеќе да шокира и да се соблече. Како и често пати досега, се здоби со осуда и лоши коментари, но не се поколеба. Веројатно во таа насока ќе се движи нејзиниот стил и оваа 2016 година.