Мет Гала 2015: Спој на добри, лоши и ултра кич фустани инспирирани од Кина!

5 мај 2015

Мет Галата е еден од најочекуваните настани во годината, кој останува да сведочи за некои од најдобрите и најлошите фустани видени било кога на црвениот килим.

Оваа година, темата на Мет Галата беше Кина, а инспирирани од егзотичноста на земјата, познатите и нивните тимови од стилисти ги потрошија и последните сили за тие да изгледаат подобро од кога и да е.

Некои од нив тоа и го докажаа со одличните избори на дизајнерски тоалети, шапки и што уште не, но поголемиот дел беа вистински синоним за неверојатен кич проследен со неверување.

Девојките кои добија најголем број на исмејувања на социјалните мрежи беа дефинитивно Ријана и Сара Џесика Паркер кои на црвениот килим се појавија во највпечатливи тоалети од сите останати.

Сосема во нејзин стил, музичката дива Ријана се одлучи за ултра впечатлива жолта наметка – фустан, дело на кинеската дизајнерка Џуо Пеи на која и требале цели две години за изработка.

„Веднаш штом го видов, се вљубив во овој фустан. Многу ми се допаѓа, но многу е тешко да одам во него без нечија помош. Кога ја истражував кинеската дизајнерска сцена, го пронајдов овој фустан и си реков дека морам да го носам“, изјави Ријана на црвениот килим.

Подеднакво впечатлива и неисцрпна тема на разговор беше и изборот на тоалета на актерката Сара Џесика Паркер која се појави во црно – црвена свилена креација, што таа ја изработи во соработка со шведскиот бренд H & M.

Она што дефинитивно беше за почит, беше шапката на актерката, специјално изработена од ирскиот дизајнер Филип Трејси кој е еден од најпочитуваните во Лондон.

Иако изработката и изгледот на шапката воопшто не беа предмет на разгледување, Сара Џесика Паркер беше една од познатите која заработи најмногу исмејувања и доби најмногу смешни споредби и фотографии на Твитер.

Секако, црвениот килим не можеше, а да не помине без старлетата Ким Кардашијан и нејзиниот сопруг Канје Вест кои се појавија во комбинации во кои некако веќе навикнавме да ги гледаме.

Тој во сатенски костим, а таа полугола во креација на Питер Дандас за Роберто Кавали, која беше апсолутно иста како онаа што ја носеше Бијонсе на Мет Галата во 2012 – тата година.

kim-and-beyonce

Кога сме кај жените со облини, слободно можеме да кажеме дека тие доминираа на црвениот килим во најтранспарентните изданија досега. Поп дивата Џенифер Лопез се појави во секси креација на Версаче целосно рачно украсена со кристали поставени на местата од телото што не требаше да се гледаат.

Вистинска јагода на шлагот кај групата секси жени со облини беше Бијонсе која оваа година се одлучи за целосно транспарентен фустан на Живанши, сосема сличен на оној на Џенифер Лопез каде со колоритни кристали беа покриени некои од деловите од телото.

Една од многуте девојки со исклучително лош избор на креација, не ставајќи ја во прашање изработката или дизајнерот на фустанот, беше и актерката Оливија Вајлд која се одлучи за розов фустан на Прада во комбинација со сиви ракавици и лента на главата во иста боја, со што на крајот изгледаше како подготвена за на маскенбал.

 

Подеднакво лош беше изборот на тоалета на Кејти Пери од која и не очекувавме нешто повеќе.

На црвениот килим таа позираше со нејзиниот музички идол и муза, Мадона која пак се појави во слична креација како онаа на Кејти и двете со потпис на Москино.

Меѓу најлошите избори вечерта на Мет Галата дефинитивно имаше и сестрата на Бијонсе, Соланж која едноставно не можеше да се види од плисираниот „школка“ фустан што го имаше одбрано за вечерта.

Списокот на ултра кич и лоши креации е многу долг, но вистинско време е да им се посветиме на одличните избори што никако не смееме, а да не ги споменеме. Меѓу таквите беше и креацијата на секогаш беспрекорната Сиена Милер, која иако малку повеќе во шпански стил, блесна во нејзиниот црвено – црн избор.

Подеднакво прекрасна беше и актерката Дајан Кругер, Хелен Мирен во креација на Долче и Габана, но и моделите меѓу кои и Џесика Харт, Алекса Чанг, Каролина Куркова, Емили Ратајковски и уште неколку други кои беа меѓу најдобро облечените на црвениот килим.

Каролина Куркова Каролина Куркова

Сосема за крај, во тотално пролетна креација на Шанел се појави и домаќинката на хуманитарниот настан Ана Винтур, на која многумина единствено и замерија за волуменозните ракави со карнери што апсолутно не беа потребни кај креацијата.

Секако, не смееме, а да не ја споменеме и сопругата на најголемиот шармер во светот Џорџ Клуни, Амал која за оваа Мет Гала се одлучи за темно црвена креација на Џон Галијано за Мезон Марџела, составена од корсет од интересен материјал и волуменозен дел со карнери.

Во продолжение, ви ги претставуваме најдобрите и најлошите креации на годинешната Мет Гала, за каде картите чинеа цели 25.000 долари, што и не беше никаков проблем за ѕвездите што се појавија!

Објавено:
5 мај 2015
Категорија: 
Сцена