Некои од најстилските ѕвезди на Големото Јаболко вчеравечер беа дел од amfAR Inspirational Gala, што се одржа во њујоршкиот Плаза Хотел.
Највпечатлива на годинешното издание на манифестацијата беше актерката Сара Џесика Паркер која всушност беше и домаќин на настанот што секоја година собира средства за заболени од ХИВ сида и помага во превенција на болеста.
Ѕвездата на „Сексот и градот“ на манифестацијата се појави во шармантен бел фустан со точки од пролетната колекција на Скјапарели со прекрасен накит што ја надополнуваше нејзината комбинација.
Подеднакво прекрасна беше и пејачката Ферги која на манифестацијата се појави со нејзиниот сопруг Џош Духамел кој беше дел од водителскиот тим оваа година.
Белата боја оваа година дефинитивно беше најприсутна на црвениот килим, па така и пејачката одбра бела долга тоалета од колекцијата на Калвин Клајн во комбинација со едноставна клач чантичка во златна боја.
На вчерашната манифестација се појави и прекрасната манекенка Каролина Куркова која за оваа пригода одбра долга бела тоалета со транспарентен горен дел со рачно аплицирани цветови и црна машничка во пределот на вратот. Покрај неа, на хуманитарниот настан присуствуваа и уредничката на италијанскиот Вог, Франка Соѕани, дизајнерите Кенет Кол и Зак Посен, како и принцезата на Норвешка Мет Мерит која се појави во прекрасен фустан од последната колекција на H & M.
Дел од годинешната манифестација беше и модната ревија, свечената вечера и аукцијата за собирање на средства.
Погледнете како изгледаше њујоршкиот џет – сет на годинешната amfAR Inspirational Gala.