Џенифер Лопез секогаш привлекува внимание со својата појава. Посебно впечатливи се комбинациите што ги бира за црвените килими и за родендените.
Таа денеска полни 48 години, но роденденската забава се случи изминатиов викенд и беше заедничка. Со оглед дека за три дена нејзиниот партнер Алекс Родригез ќе наполни 41 година, двојката се одлучи да направи заедничка прослава и тоа во Мајами.
По тој повод таа одбра транспарентен мини-фустан, со неколку апликации на „критичните“ места, што е убедливо едно од нејзините најпровокативни изданија.
Фустанот го искомбинира со цветкава клач чанта и масивни обетки. Родригез пак, се одлучи за летно сино одело.
Дел од атмосферата од саботната забава споделија на Инстаграм профилите. Иако повеќето коментари се позитивни и обожавателите ги честитаа родендените, постоеја и такви кои сметаат дека Џеј Ло овој пат малку претерала и дека поженствените комбинации повеќе ѝ прилегаат, без оглед што изгледа одлично и може да си го дозволи секој стил.
Роденденската торта беше во златно-бела комбинација, украсена со цвеќиња и некои сребрени детали.
Благодарение на Инстаграмот, успеавме да ги видиме и танцувачките потенцијали на Родригез, а ви ги презентираме во продолжение.
За потсетување, двојката е во врска од почетокот на годинава.