Новите тренди музи на филмските режисери

29 јануари 2014

Со својот неверојатен талент тие ги шармираа познатите светски режисери кои ги одбраа да бидат дел од нивните филмови, а потоа ги одушевија и критичарите и публиката.

Во последно време овие прекрасни млади актерки се најдоа на насловните на некои од најпрестижните модни магазини и се појавија на голем број настани каде воодушевија со својот моден избор.

Во продолжение погледнете ги петте највлијателни млади актерки во моментов и музи на режисерите чие време допрва доаѓа.

Леа Сејду

Иако има само 28 години, таа може да се нарече ветеран помеѓу младите актерки. Леа доби голем број на признанија за една од главните улоги во филмот „Адел“, што во Кан беше награден со посебна награда од жирито за неверојатно режисерско остварување и за одличната глума на двете главни актерки. Иако таа е долго време присутна на филмската сцена и беше дел од многу добри филмски остварувања како „Inglorious Bastards“, „Robin Hood“, „Midnight in Paris“ и уште многу други, светот оваа млада Французинка најдобро ја запозна по фестивалот во Кан. Во 2014 таа ја очекува и номинацијата за ѕвезда во растење што ја доделува БАФТА.

Лупита Амонди Нјонг

Оваа прекрасна млада актерка е родена во Мексико, а има кениско потекло. Лупита на 31 година го оствари она за што многумина сонуваат: номинација за Оскар и тоа за нејзиното филмско деби. Таа оствари одлична улога во филмот „12 години роб“ номиниран во 9 категории на овогодишните Оскари. Со нејзиниот специфичен изглед со кратка машка фризура што ги прати совршените црти на нејзиното лице, успеа да се најде на голем број насловни страници на познати модни магазини, но и да биде дел од многу едиторијали и кампањи на некои од најдобрите модни брендови.

Маргот Роби

Светот на „Волкот од Вол Стрит“ застана кога таа се појави во просторијата, а веројатно и светот на многумина кои го гледаа филмот. Секогаш успешниот тандем Скорсезе и Ди Каприо уште еднаш направија одличен филм што го лансираа директно во 9 номинации за Оскар, а едно од препознатливите лица на филмот е и 23 – годишната Австралијанка Маргот Роби. Нејзините први појавувања во филмскиот свет се поврзуват со серијата „Соседи“ и „Пан Ам“ на телевизиската мрежа ABC. Она што дефинитивно е сигурно е дека оваа млада русокоса има уште многу што да му покаже на светот.

Стејси Мартин

Кога славен контроверзен режисер ќе ве земе за една од улогите во својот, можеби најконтроверзен филм, едно е сигурно – за вас многу ќе се зборува. Секако дека говориме за Данецот Ларс вон Триер и неговата муза, 22 – годишната Французинка Стејси Мартин. Таа од модните писти веднаш премина на филмскиот сет на хитот „Нимфоманка“ и ја оствари својата прва улога по која светот ја запомни.

Астрид Берже Фрисби

Кога говориме за шармантни ликови во филмскиот свет, шансите дека поголемиот дел ќе бидат Французинки се огромни. Листата завршува со 27 – годишната Астрид Берже Фрисби, родена во Барселона, а порасната во Париз. Можевте да ја видите како Сузана во филмската адаптација на романот „Seawall“ на Маргарет Дурас и како една од сирените во популарниот “Пиратите од Карибите: Непозната плима“. Последната одлична улога ја оствари во филмот „I Origins“, инаку прогласен за еден од најинтересните филмови на Санденс фестивалот.

Објавено:
29 јануари 2014
Категорија: 
Сцена