Одбрано друштво за насловната на The Hollywood Reporter

21 ноември 2014

За традиционалното издание на магазинот The Hollywood Reporter, уредничкиот тим за насловната страна ги одбра најактуелните актерки во моментов кои имаат големи шанси да освојат сериозни филмски награди оваа сезона.

Насловната страница ја красат Риси Витерспун, Џулијан Мур, Ејми Адамс, Патриша Аркет, Лаура Дерн, младата и талентирана Фелисити Џонс како и Хилари Свонк. Актерките изгледаат одлично во внимателно одбраните црно – бели креации додека позираат пред објективот на Рувен Афанадор.

Во ова издание на највлијателниот магазин во Холивуд, актерките меѓу другото говорат и за голите фотографии на познатите на кои сѐ почесто сме сведоци, за постојаните и претерани операции на Рене Зелвегер и за недостатокот од можности што им се пружаат на жените во индустријата.

Во однос на голите фотографии на актерката Џенифер Лоренс што неодамна го разбрануваа интернет просторот, Аркет ќе каже:

„Мислам дека нема ништо изопачено во тоа двајца љубовници да ја споделат својата сексуална интимност, доколку го сакаат тоа. Тоа е сосема нормално. Тоа се случувало отсекогаш и ќе продолжи да се случува. Она што е изопачено е тоа што во овој свет постојат луѓе кои ја злоупотребуваат таа интимност, ја крадат од вас, постојано ве набљудуваат...“, вели Аркет за The Hollywood Reporter.

Иако насловната изгледа одлично, одредени медиуми ја критикуваа истата поради недостатокот на различности, односно поради фактот што на истата се појавуваат само бели жени.

Во своите изданија, медиумите посочуваат дека со ваквите насловни страници и третирањето единствено на белите жени, се укажува на тоа дека различноста не продава и дека само белите жени се способни за сериозна работа.

Објавено:
21 ноември 2014
Категорија: 
Сцена