Што се носеше на црвениот килим на БАФТА наградите?

14 март 2022

„Ројал Алберт Хол“ е местото во Лондон каде се одржа 75 издание на наградите БАФТА. Она што предизвика незадоволство кај многумина е што на истиот датум беше закажано и доделувањето на „Critics Choice Awards“. Токму поради ова, еден дел од оваа манифестација се одржуваше традиционално во Лос Анџелес, а дел во еден лондонски хотел, каде номинираните се упатуваа веднаш после БАФТА.

Но, ајде да се задржиме на она што се случуваше во „Ројал Алберт Хол“.

Кога се наградите во прашање, филмот „Dune“ си замина со најголем број статуетки, иако повеќето се однесуваат на техничките категории. За најдобар филм е избран „The Power of The Dog“. Најдобра актерка е Џоана Сканлан за улогата во филмот „After Love“, додека пак, најдобар актер е Вил Смит за улогата во филмот „King Richard“. Комплетната листа на наградени можете да ја видите тука.

Кога се креациите во прашање пак, немаше премногу возбуда. Најголемото внимание го однесе Лејди Гага, која се појави во смарагдно зелена креација на Ралф Лорен и со комплетниот изглед нè потсети на естетиката на „Стариот Холивуд“.

Сиена Милер се појави во креаицја на „Гучи“ која ја надополни со високи дамски ракавици од тантела, тренд за кој неодамна пишувавме и кој станува сè поизразен.

Флоренс Пју се одлучи за црна креација на „Каролина Ерера“ со голема розова панделка, додека пак, Селма Хаек одбра кадифена креација во кралска виолетова со тантелни елементи, секако со потпис на „Гучи“.

Хејли Бенет се појави во црвена креација на „Валентино“, која праќаше порака за солидарност, а Мили Боби Браун се одлучи за креација на „Луј Витон“ со нота на готика. 

Можеби најголемото промашување е изгледот на актерката Шарлот Керол, која се појави во жолта креација со огромни панделки во горниот дел и непостоечка фризура, па некако невозможно беше да не се забележи, но не на така добар начин.

Генерално доминираа црни фустани, а токму во таков се појави и Наоми Кембел, која со својот изглед многумина ги потсети на Смртиша Адамс.

Водителка на манифестацијата беше Ребел Вилсон, која во креацијата на Џамбатиста Вали изгледаше прекрасно и ја истакна новата витка фигура.

Инаку, Вилсон не ги штедеше шегите за Борис Џонсон, принцот Ендру, но и принцот Вилијам. Тој и Кејт Мидлтон годинава не се појавија на манифестацијата, а по светските медиуми се „шушка“ дека причината за тоа лежи во неговите последни изјави околу војната помеѓу Украина и Русија.

Имено, Вилијам минатата недела беше во посета на Украинскиот културен центар во Лондон, изјавувајќи дека војната во Европа е нешто непознато, што многумина му го замерија како невистина.

Како и да е, Ребел, а и дел од актерите повеќепати во текот на вечерта ја споменаа Украина, посочувајќи ја својата поддршка во овие мрачни денови за нив.

Во продолжение погледнете како изгледаа и останатите:

Објавено:
14 март 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
782 пати