Скандалозен и уникатен камелеон – Принц

13 ноември 2014

Роден е на седми јуни 1958 година во Минесота, а интересот кон музиката го покажува уште од мали нозе, пишувајќи ја првата песна на само седум години. Во текот на неговата богата музичка кариера,  продуцирал десет платинести албуми,  напишано стотици песни, а 30 од нив се  дел од листата на топ 40 синглови. Принц има освоено седум Греми награди и Златен Глобус, а магазинот Ролинг Стоун го рангираа на 27-то место на листата најдобрите 100 артисти на сите времиња. Неговата музика е мешавина од повеќе стилови, меѓу кои се вклучени рок, аренби, соул, фанк, блуз, диско и џез, а свој печат остави и со костимите, кои беа задолжителен дел од неговите настапи.

По паузата од музичката сцена, во 2004 година Принц настапува заедно со Бијонсе на доделувањето на Греми наградите. Таа пролет, музичарот го издава албумот „Musicology“ и организира концерти низ цела Америка.  Две години подоцна го издава албумот „3121“ и ја компонира песната „Song of the heart“ за анимираниот филм „Happy Feet“.

Во однос на сценските настапи и изгледот, Принц важи за еден од ретките кои не ги следел, туку сам ги наметнал модните трендови. Со популаризирањето од седумдесеттите години па наваму, тој важи за модна и секс икона, која предизвикува револуција со уникатниот стил, кој е апсолутно застапен како во видео записите, така и во неговите перформанси. Од актуелните „ѕвонарки“ и афро фризурата, па се до целосните костими по кој стана препознатлив, пејачот постави нови правила на сцената, но и во однос на модната индустрија.

Покрај секогаш средените фризури, Принц во текот на годините го менуваше и изгледот, секогаш вклучувајќи новитети, без разлика дали тоа ќе бидат раскопчаните кошули со набори, парчиња од крзно, ракавиците со скратени прсти, впечатлив накит или модни додатоци, а исклучок од ова правило не беа ни костимите со принтови, долгите капути со нитни, шеширите, комбинациите од панталони со висок струк и елек, асиметрични парчиња, одела со точки и оригинален избор на чевли секогаш во согласност со аутфитот, кој неретко беше опишан како скандалозен. Исто така, треба да се истакне дека Принц вклучува и шминка како дел од модните експерименти, кои се покажаа крајно ефектни во комплетирањето на неговиот изглед.

Без разлика дали е закопчан од глава до пети или со голо торзо, Принц Роџерс Нелсон е човекот кој сам ги поставува и руши правилата во шоубизнисот, индивидуа која и во денешни рамки е доминанта појава,но и фактор како во модните, така и во музичките кругови. Апсолутно скандалозен, но и неверојатно талентиран музичар, чие богато портфолио, но и стил е предизвик за многумина, но автентичен само за него. Секој обид да се дефинира Принц би бил апсолутно залуден, бидејќи тој е камелеон кој измените во стилот, ги прави паралелно со миксот на музички правци, кои се покажаа како совршена формула за успех.

Објавено:
13 ноември 2014
Категорија: 
Сцена