Спектакл на Викторија Сикрет во Лондон

3 декември 2014

Кралската метропола, Лондон, вчеравечер беше рајот каде се собраа најубавите, најзгодните и најсекси ангелите од целиот свет. Причината за ова беше одржувањето на долгоочекуваното шоу на Викторија Сикрет. И покрај фактот што годинешниот спектакл се совпадна со уште едно шоу кое е подеднакво возбудливо, станува збор за модното шоу на Шанел кое се одржа во Салцбург, Австрија, сепак не недостасуваа главните компоненти за успех: прекрасни манекенки, одлични модели, познати гости и многу, многу гламур.

Рајот на земјата вчеравечер беше претставен во изложбениот центар Earls Court, кој беше специјално адаптиран во спектакуларна писта на која продефилираа 48 модели – ангели, меѓу кои Адријана Лима, Александра Амбросио, Бехати Принсло, Кендис Сванпул, Доуцен Круз, Карли Клос, Лили Олдрич, Линдзи Елингсон и многу други.

Андријана Лима и Александра Амбросио, дефинитивно го привлекоа целото внимание на себе кога на блескавата сцена зачекорија во градници кои чинат неверојатни два милиони американски долари. Имено, секоја година на своето спектакуларно и луксузно шоу Викторија Сикрет ги промовира своите раскошни градници кои поради скапата изработка се насловени „Fantasy Bra“. Секој од овие раскошни дизајни е направен во соработка со компанијата за накит Mouawad jewelers. За изработка на овие градници искористени се 16.000 рубини, дијаманти и сафири, кои се поставени на основа од 18 каратно злато. Декорацијата на градниците на дизајнерите им одзема повеќе од 1380 часа, а бразилските модели одлично ги промовираа на сцена. Андријана Лима на пистата се појави во сина – сребрена варијанта на модел на долна облека која шармантно го украсуваше нејзиното тело, торзо, деколте и колковите. Александра пак, имаше задоволство да го облече црвениот градник и како и Лима нејзиното тело беше покриено со накит, дизајн кој совршено го нагласи нејзиното совршено извајано тело, рамниот стомак и секси облините.

„Раскошниот градник, „Fantasy Bra“ е белег на ова шоу и секоја година сите модели се надеваат дека токму тие ќе бидат избрани да го носат овој преубав и луксузен модел на градник. Оваа е година возбудата е уште поголема бидејќи наместо еден имаме два градника. Чест ми е што еуфоријата и бесценетиот момент го делам токму со Александра. Мислам дека сите ќе уживаат во годинешното шоу“, изјави за медиумите пред почетокот на ревијата, манекенката Андријана Лима.

Ед Шеран, беше среќниот изведувач кој пееше за време на ѕвездениот момент кога Лима и Амбросио, прошетаа на писта со милионски вредните градници. Мината година тоа задоволство го имаше Кендис Сванпул, а најскапиот градник во историјата на шоуто Викторија Сикрет го има носено Жизел Бундшен во 2005 година и чини неверојатни 10 милиони долари.

Покрај Ед Шеран свои перформанси на писта имаа Тејлор Свифт и Ариана Гранде.

Сјајни фризури, долги нозе, совршени силуети, гламурозна шминка, широки крилја, бронзен тен, блескави насмевки и секси дизајни - шоуто беше окарактеризирано како динамичен спектакуларен приказ на иконските модели на долна облека потпишани од брендот на Викторија Сикрет. Раскошот кулминираше во неколку бои. Моделите беа облечени во црна, бела, златна и розова нијанса, како и комбинација од разигран и свеж колорит на бои.

Во првата фаза од шоуто манекенките беа во улога на секси божици облечени во златни, бели, црни и розови тантелни и блескави креации придружувани од моќниот настап на Тејлор Свифт. Додека пак, во втората фаза прекрасните модели беа во улога на егзотични патници кои шетаат низ светот облечени во најшарените  и највеселите бои на виножитото, придружувани од музичката динамична рапсодија хитови на мегаѕвездата Ариана Гранде.

На шоуто имаше голем број познати гости кои специјално дојдоа да го проследат долго најавуваниот и очекуваниот спектакл. Особено интересно беше на коктел забавата по завршувањето на шоуто каде покрај големиот број на славни гости ги видовме и сите манекенки кои беа дел од годинешната армија на ангелите и ги бранеа боите на Викторија Сикрет.

Објавено:
3 декември 2014
Категорија: 
Сцена